ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА ИСПИШУВАМЕ ИСТОРИЈА, ВЕЛАТ КОТЕВСКА И СТЕФАНОВ, РЕЖИСЕРИТЕ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ДВЕТЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР

    ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА ИСПИШУВАМЕ ИСТОРИЈА, ВЕЛАТ КОТЕВСКА И СТЕФАНОВ, РЕЖИСЕРИТЕ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ДВЕТЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАРРежисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов заедно со еден од двајцата кинематографери Самир Љума се во Еквадор, од каде го следеа преносот за номинациите за Оскар. (Фото: Принтскрин од видео на Фејсбук)

    Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, режисерите на „Медена земја“ кој вчера освои историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и најдобар странски филм, велат дека за нив е најважно оти со ова официјално ги избришале границите меѓу документарниот и играниот филм.

    „Пред повеќе од четири години ја почнавме авантурата наречена ‘Медена земја’, инспирирани од едноставните зборови и мудроста што со нас ја сподели Атиџе, исклучителна жена која ни ги промени животите: ‘земи пола, остави пола’. Тогаше не можевме ни да си замислиме колку далеку ќе стигне нашата порака. Ништо не кажуваше дека нашиот филм ќе испише историја. Историја на нашата земја, историја на номинациите за Оскар, но најважно за нас како филмски автори е дека официјално ги избришавме границите меѓу документарниот и играниот филм. Овие две номинации се јасна изјава за сите идни филмски автори – добро раскажување приказни е добро раскажување приказни. Фала на Академијата за оваа прекрасна почест. Почестени сме што сме номинирани покрај такви величествени филмови – смели приказни што им говорат на луѓе низ целиот свет, ги инспирираат да се заложат за промени. Како филмаџии, се надеваме дека ќе продолжиме да испишуваме историја и дека ќе продолжиме да го чиниме нашиот дел за да го направиме светот подобар“, објавија доцна синоќа 26-годишната Котевска и 45-годишниот Стефанов на своите фејсбук профили.

    Тие заедно со еден од двајцата кинематографери Самир Љума се во Еквадор, од каде го следеа преносот за номинациите за Оскар.

    „Медена земја“, за пчеларката Атиџе Муратова која одгледува диви пчели во овчеполското село Бекирлија, не е само првиот македонски филм номиниран за Оскар во 2 категории, туку воопшто и првиот документарец во историјата на Оскарите номиниран и за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Екипата на филмот, во која се и кинематограферот Фејми Даут и продуцентот Атанас Георгиев, вчера веднаш по објавувањто на номинациите кажа дека „Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното“.

    Тамара Котевска е меѓу малкуте режисерки што доби номинација за Оскар, а секако е и една од најмладите во ова друштво.

    Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ е и „Американска фабрика“ на Стив Богнар и Џулија Рајхард, за затворената фабрика на Џенерал Моторс во Дејтон, Охајо што одново ќе ја отвори кинеска фирма за производство на автомобилско стакло. Овој филм е првиот од новата продукцијска куќа “Хајер граунд“ на Барак и Мишел Обама. „Пештерата“ на сирискиот документарист Ферас Фејад кој во 2018 имаше номинација за „Последниот човек во Алеп“, е за подземна болница која работи за цело време на бомбардирањето на градот, „Работ на демократијата“ на Бразилката Петра Коста е за преминот на Бразил од хунта во демократија па пак во авторитарен режим. Тука е и веќе најнаградуваноот документарец на годината „За Сама“ на Ваад ел-Катааб и Едвард Ватс.

    За најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ на Јан Комаса од Полска, „Клетници“ на Лаџ Ли од Франција, „Болка и слава“ на Педро Алмодовар од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја кој има вкупно 6 номинации меѓу кои и за најдобар филм и најдобар режисер за Бонг Јон-хо.

    „Медена земја“ е во продукција на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“. Снимањето, што траеше 3 години, почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби околу 50.000 евра.

    Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд. Преносот почнува околу 2 часот пополноќ, според средноевропско време.

    Номинациите за „Медена земја“ се точно 25 години по онаа за „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој досега беше е единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995 година. Претходно, во 1980 како југословенски кандидат номинација за Оскар имаше добиено краткиот документарец „Дае“ на Столе Попов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира