КИНЕМАТОГРАФЕРОТ ВЛАДИМИР САМОИЛОВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ ОД КИНОТЕКАТА

    КИНЕМАТОГРАФЕРОТ ВЛАДИМИР САМОИЛОВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ ОД КИНОТЕКАТАМинистерот Љутков, лауреатот Самоиловски и директорот на Кинотеката Бошко Грујоски на синоќешната свеченост. (Фото: Министерство за култура)

    Кинематограферот Владимир Самоиловски синоќа ја доби наградата Златен објектив, која Кинотеката на Македонија ја доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

    Со изложба, свечена академија, доделување благодарници и со голем број гости, Кинотеката синоќа прослави 50 години постоење.

    „Половина век посветеност на зачувување на филмското наследство, на спомените, на идентитетот. Кинотеката не е само архива, таа е чувар на времето, сведок на нашето постоење и глас што ги раскажува нашите приказни“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

    Воспоставена во 2006, Златен објектив досега ја добија 25 истакнати филмски професионалци.

    Самоиловски е роден во Скопје, во 1953.  Неговата кариера како филмски работник и професионален соработник на филм ја започнува во 1976 година кога се вработува во продуцентската куќа Вардар филм, најпрво како асистент снимател а подоцна и снимател-швенкер. Како асистент снимател соработува на филмовите „Пресуда“ (1977), „Дае“ ( 1979) „Оловна бригада“ (1980), „Време води“ (1980), додека како снимател работи на „Хај-Фај“ (1987)„Тетовирање“ (1991), „Ангели на отпад“ (1995), „Пред дождот“ (1994), а како директор на фотографија го раскрилува својот талент во филмовите: „Македонска сага“ (1993), „Светло сиво/Ѓавол во срцето“ (1993), „Часовник“ (1997), „Збогум на 20-тиот век“ (1998), „Хофманова 13“ (2000), „Вета“ (2000), „Илузија“ (2004), „Остани исправен“ (2005), „Зад темнината“ (2007), „Мајки“ (2010)„Бардо“ (2012), „Враќање“(2015), „Џган“ (2016) „Амби“ (2017), „Северен пол“ (2021), „М“ , „Исчезнати“, „Убиј ги прво децата“ (2024). За работата на филмот „Македонска сага“ во 1993 на Фестивалот „Браќа Манаки“ добива Бронзена Камера 300 и награда Камера 300 за најдобар дебитант.

    Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира