Во Националната галерија во Прага вечерва ќе биде отворена изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарност“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“) со дела од колекцијата на Музејот на современа уметност (МСУ ) Скопје. Изложбата за првпат беше отворена лани во април во престижниот простор Кунстхале Виена (кој е дел од Музеум Квартиер) еден од најголемите европски културни центри. Таму ја видоа повеќе од 75 илјади посетители. Кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“ кои го креираа концептот на поставката, го сочинуваат Сабина Саболовиќ, директорка на Кунстхале Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.
Во изменета верзија, изложбата е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од Националната галерија во Прага, која му донираше на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.
Од колекцијата на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на МСУ.
„Колекцијата на МСУ – Скопје е толку безвремена и актуелна, фокусирана на темата за солидарноста, за која веруваме дека треба да заживее и денес. Поставката носи нова перспектива за историјата на повоената модерна уметност и ќе бидат изложени дела од значајни западни уметници кои вообичаено не можеме да ги видиме во Чешка, како, Дејвид Хокни и Ники де Сент Фал, а во исто време публиката ќе има прилика да погледне дела од ‘незападните’ уметници како Марија Бономи и Вифредо Лам. Паралелно, изложбата е проширена и вклучува уметнички дела од чехословачки уметници, кои не беа изложени на претходната изложба во Виена“, вели кураторот Радослав Исток од Националната галерија во Прага.
Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучуваат и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои, исто така, направија избор дела од колекцијата на МСУ и кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.
Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ана Ева Бергман, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честимир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и многу други.
„Поканети се и студенти по скулптура од Академијата за ликовни уметности во Прага, кои преку интерактивно студио ќе создадат дела, кои се испреплетуваат со историските настани на Скопје и денешните природни и воени катастрофи, кои честопати се искривуваат во медиумите“, велат од МСУ.
Изложбата во Прага ќе трае до 29 септември.
Б. НЕСТОРОСКА