КОЛКУ И ДА Е ТЕШКА УМЕТНОСТА, ДОЛЖНИ СМЕ ДА НÈ БОЛИ СТОМАК СО ДЕНОВИ, РЕЧЕ ЛАБИНА МИТЕВСКА ПО ПРЕМИЕРАТА НА „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“

    КОЛКУ И ДА Е ТЕШКА УМЕТНОСТА, ДОЛЖНИ СМЕ ДА НÈ БОЛИ СТОМАК СО ДЕНОВИ, РЕЧЕ ЛАБИНА МИТЕВСКА ПО ПРЕМИЕРАТА НА „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“Лабина и Теона Миитевски со дел од екипата на синоќешната премиера на „Најсреќниот човек на светот“ во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Режисерката Теона Стругар Митевска вели дека „Најсреќниот човек на светот“ почнале да го подготвуваат пред пет години, и тогаш не ни можеле да претпостават дека во моментот кога ќе го завршат филмот ќе започне нова војна на европската територија. Новиот филм на Митевска синоќа во полното кино Милениум ја имаше македонската премиера, а од денес веќе е на репертоар, со две проекции на ден, од 20 и од 22 часот. Филмот, на босански јазик, е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.

    Филмот се случува во Сараево, дејството ги следи 45-годишната Асја и 43-годишниот Зоран, кои се запознаваат на настан на барање партнер. Сепак, Зоран не бара љубов, туку прошка. За време на војната во БиХ, тој пукал на градот од противничката страна и сака да ја запознае својата прва жртва.

    „Одеднаш филмот кој зборува за една мината војна, за минатото, и како да се справиме со неговите лузни стана наша реалност. По Венеција и Торонто, го прикажавме во Киев, Украина, пред две недели. Тоа беше исклучително тешко и емотивно искуство. Но, на нас ни беше важно да го направиме токму тоа. Да го прикажеме филмот со надеж дека можеме да ги споделиме нашите минати искуства, за да можат да научат од нашите грешки во минатото. Како уметник, важно ми е да зборувам за актуелни теми. Колку и да се тешки и болни, да бидам бескомпромисна и храбра. Бидејќи верувам дека само така можеме да одиме напред“, рече режисерката.

    Режисерката Теона Митевска, копродуцентката и актерка Лабина Митевска со претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска. (Фото: К. Попов)

    Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти, играше и во Торонто и е годинашен македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

    Според актерката и продуцентка Лабина Митевска, филмот е онолку тежок колку што тие уживале да го создадат. „Колку и да е тешка уметноста, мислам дека сме должни секогаш да зборуваме, да дискутираме и понекогаш да нѐ боли стомак со денови“, рече Лабина Митевска.

    Филмот од денес е на репертоар во Милениум, со две проекции на ден, од 20 и од 22 часот. – Од синоќешната премиера. (Фото: К. Попов)

    „Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира