Подготовките за годинашново 60. јубилејно издание на фестивалот Охридско лето започнаа веднаш по завршувањето на минатото издание, а тоа значи дека токму овој период повеќето работи се завршени, но секако се работи и на прилагодување на некои активности со оглед на новонастанатата состојба со коронавирусот, велат од дирекцијата на најголемиот фестивал во земјава.
Фестивалот традиционално се одржува од 12 јули до 20 август.
„Постојано сме во преговори со уметниците кои треба да бидат дел од Охридско лето 2020. За жал, сѐуште е неизвесно какви мерки во иднина ќе бидат преземени во справување со вирусот. Чекаме да видиме какви ќе бидат насоките од Владата и од Министерството за култура. Коронакризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број на посетители, намален број на концерти и претстави, но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понудиме. Ќе се потрудиме да имаме поголем број на онлајн концерти. Секако дека ќе ги следиме мерките на Владата против ширењето на коронавирусот“, велат од Фестивалот и додаваат дека во Охрид во тек се работите за подготовка на сцените.
Д. ЧУБРИЌ