КОСАРА МИТИЌ НА 25 АПРИЛ ПОЧНУВА СО СНИМАЊЕ НА ДЕБИТАНСКИОТ ФИЛМ „17“

    КОСАРА МИТИЌ НА 25 АПРИЛ ПОЧНУВА СО СНИМАЊЕ НА ДЕБИТАНСКИОТ ФИЛМ „17“Долгометражното деби на Митиќ „17“ е филм за созревање, вели продукцијата. (Фото: Фејсбук)

    На 25 април почнува снимањето на дебитантскиот долгометражен филм на режисерката Косара Митиќ, со работен наслов „17“, соопшти продукцијата „Црна мачка продукција“. Сценариото е на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ.

    Митиќ доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) за филмот на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Филмот е во копродукциска соработка со „Арт и Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд.

    Филмот ќе се снима на локации во Скопје и Битола. Од продукцијата велат дека „17“  е филм за созревање.

    „Инспириран е од вистински настан и обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога тие се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи“, вели продукцијата.

    Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

    Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

    Митиќ досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира