КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ ОСВОИ ШЕСТ НАГРАДИ ВО ИТАЛИЈА, МЕЃУ КОИ И ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ И РЕЖИЈА

    КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ ОСВОИ ШЕСТ НАГРАДИ ВО ИТАЛИЈА, МЕЃУ КОИ И ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ И РЕЖИЈАСашко Коцев е награден за најдобра улога на фестивалот. - Коцев во сцена од „Налепница“ (Фото: Продукција на „Налепница“)

    Со шест награди, краткиот македонски филм „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски, победи на првото издание на фестивалот на кратки филмови Апулија во Италија. Победниците се објавени на Фејсбук страната на фестивалот, кој се одржа на 6 и 7 август во замокот во италијанскиот град Мезање со строги протоколи за заштита од ковид-19.

    „Налепница“ со Сашко Коцев во главната улога ги освои наградите за најдобар филм, најдобра режија, сценарио, најдобар актер, монтажа (за Мартин Иванов), како и наградата од публиката.

    Филмот во јанури имаше премиера на годинашниот престижен американски фестивал на независни филмови Санденс, освен шесте награди во Италија, претходно доби престижна награда во Словачка, а во јуни доби награда за најдобар краток филм на Филмскиот фестивал во Бруклин.

    „Во снимањето филмови најчесто се инспирирам од Македонија, од Скопје, градот кој има многу голем контраст во луѓето и во начинот на живеење, како и неверојатна бирократска машинерија. Така што, овој филм е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка“, вели Унковски.

    Во продукција на „Синема футура“, филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

    Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.

    Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк, тој е син на театарскиот режисер Слободан Унковски и психологот Лина Ќостарова-Унковска. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира