Индијана Унко Џонс, Слободан Унковски е скапоцен камен со кој треба да се гордее Македонија, режисер со кого е привилегија да работи еден актер, беа само дел од епитетите за најреномираниот македонски театарски режисер со европска кариера, кои синоќа ги споделија актерите со кои соработувал.
Во полното Кино Култура беше промовирана книгата „Разговори со Унковски“ од режисерката Зоја Бузалковска, во издание на Театарот на Навигаторот Цветко, за која таа вели дека ја подготвувала 20 години, а била објавена на почетокот на годината. Книгата ја промовираа најверните соработници на Унковски, актерите Јовица Михајловски и Воја Брајовиќ, кои играле во речиси сите негови претстави во земјава и во Србија, како и актерот Бранко Цвејиќ, кој беше најавен како директор на Југословенско драмско позориште (ЈДП) во најславните денови на Унковски.
Актерот од Драмски театар Јовица Михајловски го претстави Унковски со својот луциден хумор, нарекувајќи го режисер со двојна личност, но не во смисла на Доктор Џекил и Мистер Хајд, туку во смисла на тоа дека од една страна е Унковски, научникот, професорот, менторот на многу генерации режисери.
„Сопруг за пример, веќе 40 години со една сопруга, тоа е награда за животно дело за еден режисер. Татко на 3 деца. И што станува со таа личност, со тој педагог, кога ќе се добере до нов текст и нов режија во театар? Се појавува еден авантурист, еден откачен ентузијаст, научник кој тргнува во една луда потрага како археолог-театролог по закопаните вредности на делото кое е пред неговата маса. Како еден Индијана Унко Џонс. Го поведува целиот ансамбал во потрага по Светиот грал, по таа катарза на еден совршено прочитан театарски чин, со бравурозни актерски креации. Најчесто Светиот грал го дофаќаме. Потоа доаѓаат признанија, европски, секакви. Му фали уште ‘Војдан Чернодрински’ за животно дело, ама тоа не ја намалува неговата вредност. И авантуристот повторно влегува во другата личност, педагогот, почитуваниот професор“, рече Михајловски, дополнувајќи го својот говор со видеопрезентација од монтирани фотографии од Унковски како славниот филмски лик Индијана Џонс.
Доајените на српскиот театар и филм Брајовиќ и Цвејиќ, топло споделија анегдоти и сеќавања од работата со Унковски, за неговите престави за кои кажуваа дека ги освојувале наградите и патувале низ цел свет, истакнувајќи, како што рекоа и двајцата, дека се вљубени во него.
„Не постои актер кој рекол дека не е слободен да работи кога дошол Унковски во ЈДП“, рече Цвејиќ, а Брајовиќ пак рече дека Унковски е режисер кој има дарба да му даде на глумецот чувство дека е избран за улогата оти е најдобар актер на светот.
„Унко е еден од најголемите режисери во Европа, во светот, што не значи дека е и во Скопје. Лесно е за во Европа, треба и тука да се покаже“, рече Брајовиќ по што доби голем аплауз.
„Кога ја игравме ‘Театарски илузии’ во тие несреќни времиња, Унко имаше идеја на крајот на претставата, цел еден ѕид да се сруши и на сцената да влезе тенк. Меѓутоа, тоа навистина се случи. Дојдоа тенкови на улиците, имаше протести и тој се откажа од тоа, бидејќи знаеше дека ќе биде прагматична, банална слика. Ние на крајот од претставата игравме во мантили, и ги фрлавме тогашните весници кои го труеја народот, пуштавме тон од вести и од радио кои беа послободарски настроени. Тогаш се случуваше публиката едноставно да не сака да излезе од театарот. Театарот поради такви претстави беше пополн од црквата. Знаеја дека никој нема да ги лаже. Истото се случи и со ‘Буре барут’. Тогаш се протестираше со свирчиња и со удари по тенџериња, и еден колега, Гаги Јовановиќ, извади свирче и цела публика излезе на сцена и шеташе и протестираше. Тоа не може да се случи со некоја друга претстава. Јас имав еден излет, покажав маица на Отпор и потоа, бидејќи нашиот театар изгоре, тогашниот директор и министер за култура рече ‘Тој стриптиз веќе нема да се игра во овој театар’“, рече Брајовиќ.
Бузалковска кажа дека книгата произлегува откако таа по завршувањето на студиите добила задача да напише текст за својот учител за зборник на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Во 2011 аплицирале, но не добиле пари од Министерството за култура.
„Си помислов дали оваа средина го заслужува ова, затоа што знам други театарски средини, барем неколку кои веднаш би го земале, би го присвоиле. Заедно созревавме, стареевме низ овој процес од 20 години. Беше многу тешко, страшно, ме фати голема паника и одговорност и обврска да се разговара со својот професор и тоа за театар, но од друга страна има ли поголемо задоволство тест и чест од тоа“, рече режисерката и професорка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).
Таа додаде дека книгата не е монографија, туку е теориски труд, прирачник, учебник, и книга за љубителите на театарот од две кила и 260 грама. Авторката кажа дека Унковски за ништо не ѝ се мешал и постојано велел оти книгата е нејзина, но таа потенцира дека тоа е книга на Слободан Унковски, за неговиот пристап, размислувања во театарот, дилеми, стравови.
„Ми се замеша само за една работа. Има четири страници каде стои: Актерскиот тим на Унко. Тој рече дека би било прекрасно да се направи листа на сите негови актери. Рече: ‘Јас без нив сум ништо, ова не би постоело да не е мојот актерски тим’“, рече Бузалковска.
Б. НЕСТОРОСКА