ЉУБОВНАТА ПРИКАЗНА НА ЛЕОНАРД КОЕН И МАРИЈАНЕ ИЛЕН ГО ОТВОРА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА ДОКУМЕНТАРЦИ

    ЉУБОВНАТА ПРИКАЗНА НА ЛЕОНАРД КОЕН И МАРИЈАНЕ ИЛЕН ГО ОТВОРА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА ДОКУМЕНТАРЦИФилмот на Ник Брумфилд е за прекрасната, но комплицирана љубовна приказна на легендарниот музичар и поет Леонард Коен и неговата норвешка муза Маријане Илен, од почетокот на нивната врска на грчкиот остров Хидра до тоа како нивната љубов се развила кога Коен стана успешен музичар

    „Маријане и Леонард: Зборови за љубов“ на Ник Брумфилд го отвора вечерва 21. издание на Солунскиот фестивал на документарци, од годинава единствениот од регионот меѓу оние 28 светски фестивали чиј победник се квалификува за трката за Оскарите во категоријата најдобар документарец.

    Филмот на Брумфилд е за прекрасната, но комплицирана љубовна приказна на легендарниот музичар и поет Леонард Коен и неговата норвешка муза Маријане Илен, од почетокот на нивната врска на грчкиот остров Хидра до тоа како нивната љубов се развила кога Коен стана успешен музичар. Самиот Брумфилд во тоа време бил пријател со Маријане, чија врска со Коен имала многу успони и падови. Иако се разделиле, цел живот останале пријатели, па дури и починаа еден по друг за неколку месеци.

    Во конкуренцијата за Златен Александар и 8.000 евра и Специјална награда на жирито со 2.000 евра се 10 први или втори документарци на авторите од цел свет, а мотото на годинешната конкуренција за награди е „Не ме допирај“, реченица што Исус и ја кажал на Марија Магдалена кога по воскресението таа го препознала и сакала да му се приближи.

    „Исус веќе бил на ‘друго место’ кога Марија Магдалена се обидела да посегне по него и да му се приближи. Оваа библиска сцена била инспирација за уметноста безброј пати од 12 век досега, но исто така го портретира движењето во многу документарци. Соништата на имигрантите да се спојат со своите семејства кои живеат илјадници километри подалеку од нив; сиромашните кои невешто ја премостуваат далечината од семејните сеќавања; бегалците кои босоноги минуваат низ Ветената земја мачејќи се да стигнат на ‘друго место’. Целата планета се обидува да ја дофати, задржи и да и се приближи на оваа дестинација. Оттаму и фразата ‘не ме допирај’, како интегрирана во современата политичка теологија, станува компас за селекцијата за награди“, вели директорот на фестивалот Орестис Андреакис.

    Над 300 документарци се вклучени во десетина други програми на фестивалот, меѓу нив и годинашниот оскаровец „Фри соло“, а годинава по вторпат има и селекција филмови снимени во виртуелна реалност.

    Фестивалот се затвора на 10 март со „Моминство“ на Алекс Џејмс, за пловидбата околу светот на првиот целосно женски екипаж во 1989, што стана метафора за женската храброст и саможртва наспроти морските бранови и предрасудите.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира