МАГИЧНА ВЕЧЕР НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО РУСКА КЛАСИКА И ГУДАЧКИОТ КВАРТЕТ „ФИЛХАРМОНИЈА“

    МАГИЧНА ВЕЧЕР НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО РУСКА КЛАСИКА И ГУДАЧКИОТ КВАРТЕТ „ФИЛХАРМОНИЈА“Гудачкиот состав на фестивалот Охридско лето на најубав начин ги пренесе најинтимните чувства на големите Чајковски и Шостакович вткаени во нивната музика (Фото: Охридско лето)

    Публиката во преполната „Света Софија“ во Охрид синоќа уживаше во впечатливата интерпретација на квартетот „Филхармонија“. Гудачкиот состав во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето,  на најубав начин ги пренесе најинтимните чувства на големите Чајковски и Шостакович вткаени во нивната музика , а убавината на музицирањето одекнуваше во исполнетата катедрала.

    „ Имаше магични моменти на сцената кои е невозможно да се доживеат на проби. Чајковски и Шостакович со своите насоки се различни и преубави“, вели Анна Кондратенко, прва виолина во квартетот „Филхармонија“ ( Фото: Охридско лето)

    Задоволни од концертот беа и уметниците, но и публиката.
    „Поминавме одлично. Самиот амбиент на црквата и самиот фестивал дава такво чувство. Бевме навистина инспирирани и со задоволство свиревме. Имаше магични моменти на сцената кои е невозможно да се доживеат на проби. Мислам дека направивме убава вечер. Чајковски и Шостакович со своите насоки се различни и преубави“, вели Анна Кондратенко, прва виолина во квартетот „Филхармонија“.

    На репертоарот беа најпознатите квартети од руски композитори. Чајковски број 1 со многу познат втори став и Шостакович број бр. 8, опус 110, додава извонредната виолинистка, која е и концерт-мајстор во Македонската филхармонија.

    Моќта на гудачките инструменти синоќа допираше до восхитената публика во црквата „Св. Софија“ преку впечатливата интерпретација на квартетот „Филхармонија“ (Фото: Охридско лето)

    Делото на Шостакович не завршува толку бомбастично и еуфорично, но сепак, веќе воспоставениот флуид со публиката и позитивните вибрации што ги пренесоа уметниците беа одличен повод за бурни овации и враќање на бис, по што квартетот „Филхармонија“, во целата руска програма внесе и македонски шмек изведувајќи ја композицијата „Не си го продавај Кољо чифликот“.

    Освен Кондратенко, во овој состав музицираат и виолинистот Бојан Илкоски, виолончелистката Марија Михајловска, како и Бојан Талевски кој свири на виола. Овие млади, но исклучително талентирани уметници во неколкумесечното постоење како гудачки квартет соработувале со познати диригенти и истакнати камерни уметници.

    Музичката програма на Охридско лето продолжува вечерва, со концертот „Пијано 4 раце“ со Ана Гацева и Татјана Џорлева, во 21 часот во „Св. Софија“.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира