МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ СО „БОЕМИ“

    МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ СО „БОЕМИ“„Планираме обнова на националните оперски и балетски дела. Сѐ уште нема да откриваме детали, но лично сметам дека, е смешно во Италија да одиме со Пучини, или во Франција со Бизе. Сметам дека најдобро претставување на МОБ и на државата надвор ќе биде низ нашите национални дела“. - В.д директорот на МОБ, Ќазим Асотиќ на денешниот прес (Фото: M.Златевска )

    Со премиерата на операта од Џакомо Пучини, „Боеми“, на 9 мај ќе се отворат 46. Мајски оперски вечери (МОВ) во Македонската опера и балет (МОБ).

    В.д. директорот на МОБ, Ќазим Асотиќ денес ја најави програмата на годинешниот фестивал, како и некои нови музички серијали и тематски вечери до крајот на годината.

    Со „Боеми“, МОБ одбележува 160 години од раѓањето на Пучини, а досега е познато дека ќе диригира шеф-диригентот на МОБ, Џанлука Мартиненги од Италија, а сценографијата и костимите ќе ги работи Флавио Арбети од Италија.

    На МОВ се најавени и оперите „Тоска“, „Турандот“, „Аида“, балетски гала концерт, како и гостувањето на Операта од Народно позориште од Сараево, со националното дело „Змеј од Босна“.

    Годинава во МОБ ќе има две балетски премиери, „Либертанго“ по музика на Пјацола и кореографија на Италијанката Сабрина Боско, која ќе се изведе на 18 април, а во декември „Ана Каренина“.

    Асотиќ кажа дека планира да го афирмира Хорот на МОБ како самостојна единка и да гостува низ државата со концерти со класични арии и национални дела.

    Toj додаде дека МОБ ќе оди низ основните училишта, и на часовите со учениците ќе им презентира 15 минути музика и 30 минути едукација, и така ќе подготвуваат потенцијална публика.

    „Планираме обнова на националните оперски и балетски дела. Сè уште нема да откриваме детали, но лично сметам дека, е смешно во Италија да одиме со Пучини, или во Франција со Бизе. Сметам дека најдобро претставување на МОБ и на државата надвор ќе биде низ нашите национални дела“, кажа директорот.

    Говорејќи за офф-програмата на националната куќа, директорот ги најави музичките серијали под мотото „Земјите низ песна, во соработка со амбасадите во Македонија. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени од солисти од нивните земји.

    Меѓу планираните настани се и тематските вечери „Ноќ со.“, со преработки на познати рок и поп песни, со цел, вели Асотиќ, комерцијализација на уметноста, покрај железниот реперотар на МОБ.

    „МОБ планира да направи и предновогодишен маратон. Во празничните денови уметниците во помали состави ќе изведуваат дела од познати автори во текот на целиот ден. Состави од дуа, триа, квартети, дувачки квинтети, гудачки квинтети, клавиристи, оперски пејачи, балетски играчи ќе бидат распоредени на одредени пунктови низ фоајето со свој настап не подолг од 15 минути“, најави Асотиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира