Македонската Радио Телевизија (МРТ) одлучи идната година да не учествува на Изборот за песна на Евровизија што ќе се одржи во Обединетото Кралство, но на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. Како што соопшти МРТ, одлуката е донесена имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза, коишто зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, како и зголемената котизација за самото учество на Евросонг 2023, којашто до лани беше 39.143 евра, а идната година се очекува да биде повисока.
„Оваа одлука ќе овозможи заштеда на средства коишто би требало да бидат издвоени за престојот на македонската делегација во Ливерпул, кадешто се одржува Евросонг 2023. Но, МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. МРТ се надева дека состојбата ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година“, соопшти МРТ.
Годинава, Македонија на Евросонг беше со Андреа и нејзината песна „Кругови“ (Circles), но не влезе во финалето иако имаше одличен настап.
Украина со „Стефанија“ на Калуш Оркестра победи на 66. издание на Изборот за песна на Евровизија, во Торино, Италија, но бидејќи е среде војна изборот во 2023 ќе се одржи во Велика Британија оти Британецот Сем Рајдер беше на второто место.