МАКЕДОНИЈА ВО КАН СО „ДИВАТА КРУША“ НА ТУРЧИНОТ ЏЕЈЛАН ЧИЈ КОПРОДУЦЕНТ Е ЛАБИНА МИТЕВСКА

    МАКЕДОНИЈА ВО КАН СО „ДИВАТА КРУША“ НА ТУРЧИНОТ ЏЕЈЛАН ЧИЈ КОПРОДУЦЕНТ Е ЛАБИНА МИТЕВСКАБуџетот на „Дивата круша“ на Нури Билге Џејлан е 2,9 милиони евра, а од Агенцијата за филм на Македонија е поддржан како малцински проект со над 88 илјади евра

    Македонија годинава ќе учествува на Канскиот филмски фестивал (8-19 мај), преку копродукцијата „Дивата круша“ на еден од најреномираните европски режисери Нури Билге Џејлан, каде македонски партнер е „Сестри и Брат Митевски Продукција” на Лабина Митевска. Билге Џејлан важи за еден од најуспешните режисери на Канскиот фестивал, со добиени две Златни палми за „Три мајмуни“ и „Зимскиот сон“. „Дивата круша“ е негов шести филм конкуренција за Златна палма, а премиерата е закажана на 18 мај.

    Филмот е копродукција помеѓу седум земји, Турција, Франција, Германија, Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска, а има и поддршка од Еуримаж. Буџетот на филмот е 2,9 милиони евра, а од Агенцијата за филм на Македонија е поддржан како малцински проект, со над 88 илјади евра.

    Ова е второ учество на Канскиот фестивал на продукцијата „Сестри и брат Митевски“, по 2016 кога беше дел од  копродукцијата на романскиот режисер Кристи Пују „Сиераневада“.

    Продуцентката и актерка Лабина Митевска вели дека одамна имала огромна желба да бидат дел од филм на Нури Билге Џејлан. По неколку препораки, вели Митевска, во Кан се сретнала со Зејнеп, неговата продуцентка и брзо се договориле да соработуваат.

    „Прекрасно е чувството кога настапувате на највисоките, најзначајните, најпрестижните фестивали наместо да се препелкате по остатокот. Јас уште верувам дека е најважно да се воспостават најстроги и најтешки стандарди, да се воспостави здрав вредносен систем и дека само така можеме да ја движиме нашата култура нанапред. Овие мои успеси ги сметам за успеси на мојата земја и се надевам ја повлекуваат нашата кинематографија чекор поблиску до врвната филмска уметност“, вели Митевска.

    Снимањето траело 15 недели во Турција. Од македонска страна учествувале Мојца Горгоранц-Петрушевска и Горан Игњатовски како автори на шминка. Во креативниот процес на постпродукцијата во секцијата на звук заедно со Томас Гаудер работел и Александар Ѓорѓевиќ, а од техничката екипа асистентите Марија Коробар и Томи Велковски.

    В.д. директорот на Агенцијата за филм на Македонија, Горјан Тозија вели дека филмот на Џејлан од претходното раководство на Агенцијата првично бил одбиен.

    „Потенцирам дека политиките во минатото кои се покажаа поразителни поради фактот на поддршка на филмот врз лични или квазинационални интереси, па неретко големи филмови за кои имале можност да учествуваат и македонски продукциски партнери, за истите се немало слух, се завршени. Безмалку истото ќе се случело и со овој проект, а за жал филмот на Далибор Матаниќ кој беше награден во Кан, бил децидно отфрлен. За првиот кански успех со македонско учество, филмот на Пују, првично бил елиминиран, а по жалбата на продуцентот, сепак бил прифатен. Дури и филмот ’Дивата круша’ за кој ни стигна одлични вести, бил евалуиран со најниски оценки“, изјави Тозија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира