МАКЕДОНСКИОТ ПРОЕКТ „СЕГА“ ЗА ДОМ И СОЖИВОТ НА 20 МАЈ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ НА АРХИТЕКТОНСКОТО БИЕНАЛЕ ВО ВЕНЕЦИЈА

    МАКЕДОНСКИОТ ПРОЕКТ „СЕГА“ ЗА ДОМ И СОЖИВОТ НА 20 МАЈ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВИ НА АРХИТЕКТОНСКОТО БИЕНАЛЕ ВО ВЕНЕЦИЈА„Сега“ е на БИНА- Биро за инвентивна архитектура, а денеска во Скопје го претставија кураторот Адеми, министерката Стефоска, комесарката Старова-Ќерими и кокураторот Шишковски. (Фото: К. Попов)

    Македонскиот проект „Сега“ на група архитекти предводени од Бекир Адеми на 20 мај ќе биде претставен на 17. Биенале на архитектура во Венеција. Свеченото отворање на македонскиот павилјон е закажано во 10 часот во дворот на Палатата Зорзи, седиштето на УНЕСКО во Венеција.

    Светската архитектонска смотра лани не се одржа поради ковид пандемијата, и термините беа поместени за 22 мај – 21 ноември 2021. Темата е „Како ќе живееме заедно“, а куратор е архитектот со либанско потекло, Хашим Саркис.

    Проектот „Сега“ е на БИНА- Биро за инвентивна архитектура, Адеми е куратор, кокуратор е Јордан Шишовски, комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), додека покровител на изложбата е Министерството за култура. Авторите велат дека проектот е за симболична претстава и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот.

    Учесници во проектот се: Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.

    Проектот „Сега“ се мести во палатата Зорзи во Венеција. (Фото: Национална галерија)

    Проектот денеска на прес-конференција во Даут пашин амам го претставија Адеми, Шишковски, Старова-Ќерими и министерката за култура Ирена Стефоска.

    Во однос на инспирацијата за насловот „Сега“, Адеми рече дека темата има повеќе димензии, една од тие е секако техничката, знаејќи ги сите случувања на глобално ниво и стремежите кон подобрување на ситуацијата, особено сегашната ситуација

    „Одговорот едноставно беше, доколку треба да се преземе некоја мерка, тоа е сега. Значи, само сега можеме да преземеме каква било мерка“, рече Адеми.

    Директорката Старова-Ќерими рече дека проектот „Сега“ претставува чудесен одговор, во потрагата по вечниот одговор на синтагмата „живот и дом“.

    „Ако се појде од идејата дека планетата е всушност проширениот човеков дом, тогаш може да се најде и вистинското разбирање за визијата и вредноста на проектот, неговата хармонична полнота и доследност“, кажа директорката и комесарка.

    „Знам дека овој настан е празник на архитектурата и престиж за секој архитект. Но, за мене има уште едно значење – животот продолжува. Минатата година овој исклучителен настан беше одложен поради светската пандемија. И некако симболично, од денеска за публиката, иако во ограничен број, се отвораат портите и на институциите на културата и кај нас. Пред неколку месеци бев прашана – дали културата е мртва? Одговорив, не. Таа само се подготвува за својата најдобра улога“, рече министерката Стефоска.

    На Биеналето годинава ќе има 112 учесници од 46 земји.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира