„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ДЕНЕС ВО БЕРЛИН СЕ БОРИ ЗА ЕВРОПСКИ ОСКАР, А ВО ЛОС АНЏЕЛЕС ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ ВО СВЕТОТ

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ДЕНЕС ВО БЕРЛИН СЕ БОРИ ЗА ЕВРОПСКИ ОСКАР, А ВО ЛОС АНЏЕЛЕС ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ ВО СВЕТОТРежисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов со ѕвездата на „Медена земја“ Атиџе Муратова и продуцентот Атанас Георгиев на скопската премиера во Милениум во март годинава. (Фото: М. Аргакијева)

    Денес е бурен ден за екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов – вечерва во Берлин ќе се доделат наградите на Европската филмска академија (ЕФА) каде филмот е номиниран за најдобар документарец, а во Лос Анџелес се доделуваат Интернационалните документарни награди ИДА, каде има три номинации: за најдобар филм, за режија и за кинематографија на Самир Љума и Фејми Даут.

    Режисерката Котевска со Љума и со продуцентот Атанас Георгиев денес се во Берлин, на свеченоста на ЕФА, каде „Медена земја“ за престижната награда позната и како европски Оскар за конкуренти ги има: „Сведоците на Путин“ (Русија), „За Сама“ (Велика Британија/САД), „Исчезнувањето на мојата мајка“ (Италија/САД) и „Селфи“ (Франција/Италија).

    На 32. доделување, наградите ќе се доделат во 23 категории. За најдобар филм се борат „Офицер и шпион“ на Роман Полански, „Клетници“ на Лаџ Ли, „Системкрашерс“ на Нора Фингшајд, „Болка и слава“ на Перо Алмодовар, „Предавникот“ на Мако Белокио и „Фаворитката“ на Јорос Лантимос. Француската актерка Жилиет Бинош ќе добие награда за европски придонес во светскиот филм, а култниот германски актер, писател и режисер Вернер Херцог наградата за животно дело. Преносот почнува во 17 часот, а церемонијата е во 19 часот и може да се следи на www.europeanfilmawards.eu

    Интернационалните документарни награди ИДА се најпрестижниот светски настан за овој жанр, а режисерот Стефанов денес е во Лос Анџелес за на свеченото доделување да ја прими и наградата „Паре Лоренц“, која на ИДА  се доделува „за давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“, а „Медена земја“ е годинашен добитник.

    „Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари.

    Ден претходно, во Лос Анџелес ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух, предвесник на Оскарите, каде „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.

    Единствениот македонски филм кој досега ја освоил наградата Независен дух е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во 1995 за најдобар странски филм. „Пред дождот“ истата година беше и меѓу петте номинирани за Оскар.

    По победата на Санденс, Тел Авив и голем број други награди, признанија и номинации, „Медена земја“ е вбороена и меѓу најдобрите филмови на годината од „Њујорк тајмс“ како и од списанието „Арт форум“.

    Документарецот изминатиов период играше во 30 градови низ земјава, а од денес до 13 декемрви ќе се прикажува во Кинотеката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира