МЕРИЛ СТРИП ЌЕ ДОБИЕ ПОЧЕСНА ЗЛАТНА ПАЛМА ВО КАН, ГРЕТА ГЕРВИГ Е ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЖИРИТО

    МЕРИЛ СТРИП ЌЕ ДОБИЕ ПОЧЕСНА ЗЛАТНА ПАЛМА ВО КАН, ГРЕТА ГЕРВИГ Е ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЖИРИТООскаровката Мерил Стрип се враќа во Кан по 35 години. (Фото: Кански фестивал)

    Мерил Стрип ќе ја добие почесната Златна палма на 77. Кански фестивал, што се отвора на 14 мај. Стрип ќе се врати во Кан по 35 години од освојувањето на наградата за најдобра женска улога за „Злобните ангели“, нејзиното единствено појавување на фестивалот досега.

    „Сите ние имаме нешто во нас од Мерил Стрип!“, велат директорите на Канскиот фестивал Ирис Ноблох и Тиери Фремо. „Сите ние имаме нешто во нас од ‘Крамер против Крамер’, ‘Изборот на Софија’, ‘Надвор од Африка’, ‘Мостовите на округот Медисон’, ‘Ѓаволот носи прада’ и ‘Мама Миа!’. Бидејќи таа опфаќа речиси 50 години филм и отелотвори безброј ремек-дела, Мерил Стрип е дел од нашата колективна имагинација, нашата заедничка љубов кон филмот“.

    Во импресивната кариера, оскаровката Стрип играла и во „Мали жени“ на режисерката Грета Гервиг, која годинава е претседателка на жирито за Златната палма во Кан. Во жирито се и турската сценаристка и фотографка Ебру Џејлан, американската актерка Лили Гледстон, француската актерка Ева Грин, либанската режисерка и сценаристка Надин Лабаки, шпанскиот режисер и сценарист Ј. Бајона, италијанскиот актер Пјерфранциско Фавино, јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда и францускиот актер и продуцент Омар Си.

    Во конкуренцијата за Златна палма се неколку култни филмаџии, меѓу кои Френсис Форд Копола со „Мегалополис“, Џорџ Милер со „Фуриоза“, Пол Шредер со „Ох, Канада“, како и Џорџ Лукас кој ќе добие почесна Златна палма. Во конкуренцијата се и Кевин Костнер со „Хоризонт, американска сага“, „Видови на добрина“ на Јоргос Лантимос, Жак Одијар со „Емилија Перез“, „Партенопа“ на Паоло Сорентино и „Покров“ на Дејвид Кроненберг.

    Фестивалот завршува на 25 мај.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира