МИ ПУКНА КОПЧЕТО ОД ЉУБОВ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ ЗА 80-ГОДИШНИНАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

    МИ ПУКНА КОПЧЕТО ОД ЉУБОВ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ ЗА 80-ГОДИШНИНАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТАСимон Трпчески беше вратен на бис неколкупати (Фото: К. Попов)

    Овации и неколку враќања на бис имаа Симон Трпчески и оркестарот на Филхармонијата на синоќешниот славенички концерт „80 години –Љубов!“. Концертот почна со светската премиера на импресивното дело „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска. По него, следеше концертот за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Мaлер. Диригираше шеф-диригентот на Филхармонијата, Јерухам Шаровски од Израел.

    Концертот почна со светксата премиера на делото на Ана Пановска (десно) „Куклици“ , а диригираше шеф-диригентот на Филхармонијата Јерухам Шаровски од Израел (Фото: К. Попов)

    „Овој јубилеј е од исклучително значење за културата и уметноста во Македонија. Честитки и желби за најголеми успеси. Концертот е наречен љубов. Не знам дали забележавте дека ми пукна копчето. Од љубов ми пукна копчето“, рече Трпчески покажувајќи накај кошулата откако публиката го врати на бис.

    Членовите на оркестарот излегуваа на сцената од различни страни од салата а публиката ги пречека на нозе (Фото: К. Попов)

    Свечената церемонија почна симболично, во знакот на 80. роденден на најстарата македонска културна институција. Во фоајето на Филхармонијата настапи академскиот хор „Мирче Ацев“ со композиции од основоположниците на Филхармонијата Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Хористите ги испеаја „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот диригира Јасмина Ѓорѓеска-Каро.

    Свеченоста почна во фоајето на Филхармонијата со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ со кој диригира Јасмина Ѓорѓеска- Каро (Фото: К. Попов)

    Пред почетокот на концертот, гледавме архивско видео за историјата на оркестарот кој е основан на 24 ноември во 1944, 11 дена по ослободување на Скопје. Во ново видео, беа претставени сите сегашни музичари кои свират во оркестарот. На почетокот од концертот, уметниците од оркестарот излегуваа на сцената од различни страни од салата и се поздравуваа со публиката. Досега, Филхармонијата отсвирела над 2.500 концерти, и во неа свиреле над 3.500 музичари.

    Досега, Филхармонијата отсвирела над 2.500 концерти, и во неа свиреле над 3.500 музичари.  (Фото: К. Попов)

    Во фоајето беше поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Филхармонијата и нејзините најзначајни моменти.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира