МИЛО МИ Е ШТО 20 ГОДИНИ СЕ БОРАМ ДА СНИМАМ ФИЛМОВИ КАКВИ ШТО САКАМ, ВЕЛИ ГОРАН СТОЛЕВСКИ, АВТОРОТ НА ХОРОР ХИТОТ „НЕМА ДА СИ САМА“ ШТО ГО ЗАТВОРА СИНЕДЕЈС

    МИЛО МИ Е ШТО 20 ГОДИНИ СЕ БОРАМ ДА СНИМАМ ФИЛМОВИ КАКВИ ШТО САКАМ, ВЕЛИ ГОРАН СТОЛЕВСКИ, АВТОРОТ НА ХОРОР ХИТОТ „НЕМА ДА СИ САМА“ ШТО ГО ЗАТВОРА СИНЕДЕЈСКога снимам филм сега, тој мора да вреди за последните 20 години од мојот живот, вели Столевски. (Фото: Синедејс)

    Дваесет и првото издание на фестивалот на европски филм Синедејс се затвора утревечер (21ч) со „Нема да си сама“, еден од најзборуваните хорори оваа година, чиј автор е македонско-австралискиот режисер Горан Столевски. „Нема да си сама“ имаше премиера во јануари на Санденс, каде што Столевски пред четири години беше награден за краткиот филм „Види ја ти неа“ и оттогаш не престанува да собира позитивни критики, дури несвојствени за овој жанр.

    Дејството се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, таа случајно убива селанка и го зема нејзиниот облик. Покрај шведската актерка со холивудска кариера Номи Рапас, во филмот играат и Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски.

    Нема да си сама“ е дебитантски долгометражен игран филм на Столевски, кој е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. По премиерата на Санденс, угледниот холивудски сајт „Вараети“ го вклучи меѓу десеттемина најнадежни режисери за 2022. Веќе во август излегува неговиот втор филм насловен „Of an Age“ и снумен во Австралија, додека истовремено во Македонија го снима филмот „Домаќинство за почетници“. Самиот вели дека има подготвено уште 13 сценарија.

    Со Столевски за САКАМДАКАЖАМ.МК разговаравме за филмовите и лекциите што ги научил досега.

    • Имавте молневито лансирање на кариерата со „Нема да си сама“. Што ви е највозбудливо, а што најстрашно од тоа?

    Најстрашната и највозбудлива работа истовремено ми беше читањето илјадници реакции на критичарите и публиката. Сè уште се навикнувам на тоа дека странци од цел свет сега можат да собираат и толкуваат елементи од мојата работа, најчесто од овој еден филм и потоа да прават самоуверени претпоставки за тоа кој сум јас како личност и уметник. Некои пишувања изгледаат комично погрешни, но понекогаш откриваат работи за мене за кои самиот не сум свесен. Во секој случај, секој пат кога почнувам да читам нешто за мене или за мојата работа се чувствувам како да се коцкам, зашто можам да бидам или повреден или трогнат. Станувам се подобар во справувањето со тоа. За среќа, најголем дел од она што е напишано е позитивно, остроумно и доста убаво.

    Сара Климоска во „Нема да си сама“. (Фото: Синедејс)

    • Што научивте од ова кусо време работа со Холивуд?

    Рано е за извлекување поуки, зашто го немам искуството на мнозинството филмаџии од Холивуд. Искрено, сè уште сум изненаден од понудите и реакциите што ги добивам од Лос Анџелес. Секој поединец што се сретнал со мојата работа во првите 15 години од моето правење филмови ме дефинираше како идиосинкратичен, како автор со европски стил со сензибилитет целосно ослободен од сето она што може да се опише како комерцијално. И јас го имав тоа мислење за себеси, но излезе дека не сум бил во право. Дури и најкомерцијалните дистрибутери и продукциски компании главно бараат луѓе кои можат да креираат единечни, оригинални и живописни ликови.

    Номи Рапас во во „Нема да си сама“. (Фото: Синедејс)

    • Внатрешниот монолог се чини дека e изразно средство кое го обележува вашиот стил. Што ви е најпривлечно во ова средство и како го наоѓате балансот за да не се западне во пренагласено поетизирање?

    Внатрешниот монолог во „Нема да си сама“ ми дојде пред повеќето други елементи на филмот, а сум напишал и неколку кратки филма во тој стил. Се надевам дека ќе напишам уште неколку, но не би рекол дека тој елемент е нужно дефинирачки елемент на мојот стил. Ако можам да бирам, не би сакал мојот стил да биде определен од само неколку клучни стилски елементи. Нема да има нарација во следните два мои филма, ниту ја имаше во најголем дел од моите 25 кратки филма. Вообичаено, кога почнувам да правам филм тоа доаѓа од чувство или енергија поврзана со приказната на главниот лик. Тонот и стилот на филмот се обликувани од личноста, енергијата и внатрешниот живот на ликот. Понекогаш, како во овој случај, изразениот тек на свеста помага да се оживее внатрешниот живот на ликот и ја одржува поврзаноста на гледачот со него. Но, клучниот збор тука е ‘оживее‘. Во спротивно, тоа е само текст без поттекст, на што сум алергичен.

    За среќа, најголем дел од она што е напишано е позитивно, остроумно и доста убаво, вели Столевски за критиките за филмот. (Фото: Синедејс)

    • „Домаќинство за почетници“ е ваш прв македонски филм. За што е филмот и каде се снима? Што истражувате во него, и како тема и како филмски јазик?

    – Сè уште го снимаме. Незавршен филм е деликатна работа. Не сакам да го дефинирам или да зборам премногу за него додека не е завршено дело кое постои надвор од моите планови и мојата имагинација.

    • Како го чувате вашиот авторски интегритет?

    Морав да се борам и да работам 20 години за да можам да правам филмови какви што сакам. Кога велам дека тоа беше тешко патување не сакам да звучи како да се жалам. Мило ми е што беше тешко. Мора да биде тешко, не заслужува секој да биде филмаџија. Тоа е нешто што мора да го заслужиш, а не да го бараш. Сакам да кажам дека сите потешкотии со кои сум се сретнал попат ми помогнаа да станам посвесен за тоа што сакам, а што не сакам од филмот. Кога снимам филм сега, тој мора да вреди за последните 20 години од мојот живот.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира