Секое лето веќе 25 години, античкиот театар во Стоби беше домаќин на театарски претстави на Фестивалот на античка драма. Годинава, Министерството за култура не даде средства за одржување на фестивалот, но новиот министер за култура Хусни Исмаили е расположен интервентно да одвои пари за да не се прекине традицијата, со одигрување една претстава во Стоби.
„Би поддржале одигрување на една претстава, ако се исполнат безбедносните услови на овој простор“, одговари на новинарско прашање министерот при неодамнешната посета на Стоби.
Во 1990-те години, кога започнаа да се играат претстави во античкиот театар, тоа беше со по една претстава годишно. Од 2002 започна да се организира Фестивалот на античка драма „Стоби“, кога имаше и по шест-седум претстави во текот на две седмици во летниот период.
Од Националната установа Стоби каде министерот ја префрли одговорноста дали може летово да се одигра една претстава за традицијата да продолжи, велат дека досега не добиле барање за одржување на театарска претстава.
„Стручниот тим и раководителот на проектот за истражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби, се на мислење дека театарот не е во состојба да прима публика од безбедносни и морално-етички причини. Освен во строго контролирани услови и со ограничен број на посетители, сè додека истиот не биде конзерваторско-реставраторски третиран од страна на стручниот тим. Секој пројавен интерес за користење на театарот е добредојден, секако со стручен надзор и пропишани услови од страна на НУ Стоби“ , стои во писмениот одговор од НУ Стоби дали би дозволиле летово таму да има театарска претстава.
- ВИСИ ОДРЖУВАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ „СТОБИ“, РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ СО СКРОМЕН БУЏЕТ
- СМЕ ЗГРЕШИЛЕ ЗА ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ, ЗА СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ЌЕ ЧЕКАМЕ ДОПОЛНИТЕЛЕН РОК ОД МИНИСТЕРОТ АДЕМИ, ВЕЛИ МУЗИЧКАТА КОМИСИЈА
П. ПЕЧКОВ