Режисерот на филмот „Ругање со Христос“, што вчера Министерството за култура и Агенцијата за филм го осудија како скандалозен филм кој ги навредува чувствата на граѓаните, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Министерството со ова соопштение повикува на насилство и терор врз него како уметник и насилство и терор врз неговиот филм како уметност.
Во заедничкото соопштение на двете инстиуции беше наведено дека „ги осудуваат решенијата на претходните гарнитури кои финансиски проекти без никаква уметничка вредност кои ги навредуваат чувствата на граѓаните“ и потенцираат дека „такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните – финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка“.
„Ова ‘комунике’, напишано во недела на 2-ри септември, е вовед во фашизам во Македонија. Министерството за култура ме обвинува, замислете, за ‘идеолошка малверзација’! Со такви обвинувања за ‘идеолошка застранетост’ во 1936 година Хитлер го започнал прогонот врз модерната уметност во Германија, Сталин големите чистки, а во 1949 година со таа реченица луѓе биле праќани на Голи Оток! Ова е Макартизам од најдолен вид! Македонското министерство за култура без око да му трепне јавно објавува дека ќе ,’воведе контрола’ врз цитирам: ‘темите, идеите и пораките што ги испраќаат овие филмови’! Ова е директно и недвосмислено ограничување на правото на слободен говор и тоа за уметничко дело кое дури и не е покажано јавно во целост. Патем, тврдам дека во филмот не се навредени никакви чувства на никој народ, затоа што на филм карактерите не се колективни-народи, туку индивидуалци со нивните ставови и постапки“, ни изјави режисерот кој деновиве е во Канада, каде филмот на 30 август имаше светска премиера на Фестивалот во Монтреал, во некомпетитивна програма.
Бојаџи ја повикува и поддржува Агенцијата за филм како независно тело да застане во одбрана на својата независност од политика и да се стави во заштита на филмот, филмаџиите и нивната творечка слобода. Тој побара и од медиумите да застанат во одбрана на филмот, и одбрана на правото на слободно изразување на идеи, мисли и ставови.
Во одговорот до нашата редакција, Бојаџи пишува дека добивал закани преку пораки, па после биле бришени.
„Не им се плашам воопшто! Ги повикувам да ме прашаат сѐ што ги интересира, ќе им одговорам. На крајот, цивилизирано е да купите билет, да отидете во кино и да не се согласувате со ништо со тоа што ќе го видите на платното. И се разбира доколку мислите така, јавно да дебатирате за се, без да ми се заканувате со разни УЧК искуства и принципи! Среќна слобода! Ви посакувам да владеете толку долго колку што ќе биде доволно еден цел живот да се срамите од ова! Залудно ќе редам фрази затоа што знам дека немате ни срам ни перде, ниту сте пораснати во умот и снагата за да се носите со ситуацијата во која што сте. Не ви е гајле. Ви ја разбирам силата. Зад министерот и неговиот став очигледно е дека стои неговата партија, премиерот, Владата и ‘меѓународната заедница’ кои прават сè во мојата земја да завладеат европски вредности и стандарди! Среќна европска слобода на уметноста!“, реагира Бојаџи.
Според режисерот Бојаџи, во неговото долгометражно режисерско деби се испреплетуваат четири приказни, работен е според вистински настани од блиската историја, едната е битката на Радуша и киднапирањето и малтретирањето на мавровските работници за време на воениот конфликт 2001, како и убиството на младиот Ванчо Каранфилов во Тетово, кој беше застрелан додека играше кошарка.
Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија вчера ни рече дека сѐ уште го нема гледано филмот, го погледнал само трејлерот кој му го испратил министерот за култура Асаф Адеми, и дека не е професионално од него да коментира или да дава изјави кога ја нема целата слика, а дополнително треба да провери кој го потпишал одобрението за филмот.
„Јас сум за тоа дека уметниците треба да покренуваат прашања, да отвораат теми, но според тоа што го погледнав од трејлерот, мојот впечаток е дека филмот има партиска пропаганда и дека зазема една страна. Лично сметам дека не ни се потребни филмови кои ќе не раздвојат уште повеќе“, ни рече Тозија, додавајќи дека до денес ќе го гледа филмот и ќе дојде на попладневната прес-конференција која ја закажа министерот Адеми.
Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со 18.000.000 денари (над 290.000 евра), под работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција.
Б. НЕСТОРОСКА