МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА САКА ДА ЈА ДИСЛОЦИРА БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО, А ПРОСТОРОТ ДА Ѝ ГО ДАДЕ НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА САКА ДА ЈА ДИСЛОЦИРА БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО, А ПРОСТОРОТ ДА Ѝ ГО ДАДЕ НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУСместена во центарот на градот, Библиотеката брзо привлече голем број читатели и значително го зголеми библиотечниот фонд, па и овој простор кој сега го користи не е доволен да се сместат сите книги. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура сака да ја дислоцира библиотеката во Тетово и да ја премести во помали простории од тие кои сега ги користи библиотеката. Овој простор Министерството сака да им го даде на користење на Делегацијата на Европската унија. Од библиотеката во Тетово велат дека просториите кои им се нудат не се помали од постоечките и не се адекватни за библиотекарска дејност.

    „Неодамна стигна писмено барање од Министерството за култура во врска со просториите што се наоѓаат во Центарот за култура, поточно сегашните простории на Библиотеката ‘Кочо Рацин’ и просториите каде сега се наоѓа Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Тетово. Министерството за култура бара мислење од наша страна дали се Центарот за култура ги користи овие простории. Без разлика на одговорот на Центарот за култура, Министерството за култура најверојатно ќе прати писмено барање до Владата, со што ќе донесе одлука за трајно користење на овие простории на други субјекти. Во овој случај, библиотеката ‘Кочо Рацин“ ќе се смести во просториите кои беа користени од Универзитетот во Тетово, а во просториите каде сега се наоѓа библиотеката ќе се смести Делегацијата на Европска Унија“, изјави Вулнет Фејзулаи, секретар на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово.

    Иако библиотеката сè уште нема добиено некаков документ за дислокација, за намерата на Министерството биле известени од Центарот за култура и тоа предизвикало голема вознемиреност кај вработените.

    „Министерката беше во посета кај нас пред три недели и усмено нè извести дека ние треба да се префрлиме на друга локација. Таа локација каде сакаат да нѐ префрлат е Факултетот за музичка уметност при Универзитетот во Тетово и таа се наоѓа исто така во состав на Центарот за култура, само неколку метри подалеку од библиотеката. Таму има само 4 простории од кои само две ја имаат потребната висина на плафонот и ги исполнуваат условите за поставување полици со книги. Исто така, квадратурата на просторот е помала од оваа што ја имаме сега, таму нема ниту тоалет и тие простории ни од далеку не ги исполнуваат критериумите за библиотекарска дејност“, вели Махи Муртезани библиотекар во библиотеката.

    Библиотеката „Кочо Рацин“ во просториите на Центарот за култура се префрли пред 20 години. Сместена во центарот на градот брзо привлече голем број читатели и значително го зголеми библиотечниот фонд, па и овој простор кој сега го користи не е доволен да се сместат сите книги кои ги поседува библиотеката.

    Иако библиотеката сè уште нема добиено некаков документ за нивна дислокација, за намерата на Министерството биле известени од Центарот за култура и тоа предизвикало голема вознемиреност кај вработените. (Фото: СДК.МК)

    „Ние не сме против да се преселиме, но да се преселиме во поголеми простории со поголема површина и со повеќе услови за работа, а не и онака малиот простор од околу 160 метри квадратни во кој сега работиме, да ни се намали уште повеќе. Се плашиме дека со преселувањето во новите простории ќе загубиме и голем дел од читателите и се она што макотрпно сме го создавале во изминативе 20 години. Во библиотеката сега имаме 5.300 активни читатели и фонд од 83.000 книги, но ако нѐ префрлат во другите простории, половина од овој книжен фонд ќе биде недостапен за читателите бидејќи ќе мора да биде спакуван во кутии зошто ќе нема место да се стави на полиците“, појаснува Муртезани.

    Побаравме мислење од Министерството за култура зашто бараат преместување на библиотеката и зошто е неопходно тие простории да им се дадат на Делегацијата на ЕУ. Во писмената изјава добиена од Министерството стои: „Ве информираме дека Министерството за култура во континуитет ги увидува потребите на националните установи кои се во негова надлежност. И Центарот за култура во Тетово, како и Бибилиотеката во Тетово се во наша надлежност. Во соработка со нив, Министерството е насочено кон соодветно решавање на просторното прашање на Библиотеката. Можното дислоцирање ќе биде со исполнување на соодветни услови за нејзино функционирање“, се вели во изјавата од Министерството.

    Досега Министерството за култура дел од просториите на Центарот за култура им ги даде на користење на „Американското катче“, неодамна тука простор доби и „Француска алијанса“, а сега и Европската Унија сака да добие простор во објектот кој се наоѓа во центарот на Тетово. Веднаш до Центарот за култура неколку години се гради објектот на новиот театар каде, според планот, е предвидено дел од просториите да бидат наменети за библиотеката во Тетово. Но, изградбата на објектот, кој почна да се гради уште во 2014 , и кој треба да чини над 30 милиони евра, далеку е од тоа да биде наскоро завршен.

    Досега е изграден само објектот, а сега се работи на внатрешното уредување.

    „Времетраењето на изградбата на објектот наменет за театар и библиотека во Тетово е предвидена со динамиката за обезбедената согласност за повеќегодишна јавна набавка. Согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година. Во тек е изведба на градежни, градежно занатски работи и инсталатерски работи. Според доделениот договор и според продолжувањето на динамиката, објектот се очекува конечно дабиде завршен и пуштен во употреба во 2027 година“, велат од Министерството за култура.

    Засега останува неодговорено прашањето дали префрлањето на библиотеката е идеја на Министерството или овој простор во кој сега се наоѓа библиотеката го барала Делегацијата на ЕУ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира