„Минотаур“ на рускиот режисер во егзил на Андреј Звјагинцев, канскиот лауреат на Гран при и француски кандидат за Оскар, на 5 ноември го отвора 67. издание на Филмски фестивал во Солун, еден од најголемите во Југоисточна Европа со селекција од вкупно 258 филмови во бројни програми. Фестивалот се затвора на 15 ноември, со венецискиот победник „Непозната жена“ на данската авторка на Мај ел-Туки, а во Солун ќе дојде и главната актерката Матилде Арсел наградена во Венеција за најдобра женска улога.
Во Солун годинава има четири меѓународни натпреварувачки селекции за награди, со вкупен фонд од 50.000 евра за парични награди.
Во меѓународната конкуренција „Пристигнувања“ се 10 филмови, меѓу кои и три грчки, во трката за Златен Александар – „Тео Ангелопулос“ и 10.000 евра, како и за Сребрениот Александар за најдобра режија и 5.000 евра. „Запознајте ги соседите+“ има 11 филмови, меѓу кои два грчки и два кипарски, во трка за Златниот Александар -„Мишел Димопулос“ и 10.000 евра, како и за Сребрениот Александар за најдобра режија и 5.000 евра. Во „Напреден филм“ има 10 филмови, меѓу кои и два грчки, и носи награда за најдобар филм и 10.000 евра и за најдобра режија и 5.000 евра. Наградата „Сирена“ носи и 3.000 евра. Во „Имeрсивно“ (тридимензионално) има осум дела во конкуренција за Златниот Александар и 2.000 евра.
„Нема да си сама“, дебито на австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски од 2022, е дел од програмата „Балкански хорор“ која е годинашната тема на „Проширен преглед“, во рамките на секцијата „Запознајте ги соседите+“. „Легендите, фолклорот, духовите од историјата, семејните тајни и меѓугенерациските трауми се среќаваат со култните класици, Б-филмовите, жанровските хибриди, како и со некои од најнеобичните и најморничави приказни на балканската кинематографија“, вели фестивалот за оваа селекција.
Наградуваниот шпански режисер и сценарист Оливер Лаше, авторот на ланскиот хит „Сират“, ќе биде гостин-куратор на големата тематска програма „Добредојдовте во пустината“. Тој избра 17 филмови, ќе одржи и разговор со публиката на отворена сцена, а за оваа програма има и мултимедијална изложба.
Лора Малви, филмска режисерка, писателка, теоретичарка и професорка и една од највлијателните личности во феминистичкиот дискурс, ќе има мастерклас на теми како визуелното задоволство, желбата и погледот – концепти што влијаеле врз цели генерации автори, критичари и гледачи.
Во Солун ќе има и ретроспектива на творештвото на Емин Алпер, еден од најзначајните современи турски филмски автори, а германско-турскиот режисер Фатих Акин во Солун ќе го претстави новиот филм „Песна на духот“. Гостин на фестивалот ќе биде и реномираниот дански актер Клас Банг.
И годинава во рамките на Солунскиот фестивал има и програма на грчки филмови, со вкупно 26 долгометражни и 28 краткометражни.






