МИТЕВСКА И МАНЧЕВСКИ ДОБИЈА ПО 500 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЗА НОВИТЕ ФИЛМОВИ, ПОДДРЖАНИ И ЧЕТВОРИЦАТА ДЕБИТАНТИ СТОЛЕВСКИ, ВОЛКАШИН, ОРОВЧАНЕЦ И АБДУЛА

    МИТЕВСКА И МАНЧЕВСКИ ДОБИЈА ПО 500 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЗА НОВИТЕ ФИЛМОВИ, ПОДДРЖАНИ И ЧЕТВОРИЦАТА ДЕБИТАНТИ СТОЛЕВСКИ, ВОЛКАШИН, ОРОВЧАНЕЦ И АБДУЛАРежисерката Теона Стругар Митевска со актерката и продуцентка Лабина Митевска на ланското Берлинале на премиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“/ Режисерот Милчо Манчевски со актерките Наталија Теодосиева и Сара Климоска на премиерата на „Врба“ лани во октомври на Римскиот филмски фестивал. (Фото: СДК.МК / Ѓ. Клинчаров)

    Режисерите Милчо Манчевски и Теона Стругар Митевска добија по 30 милиони денари (500 илјади евра) од Агенцијата за филм за своите нови филмови „Кајмак“ односно „Најсреќниот човек“. Поддржани се и 4 дебитантски долгометражни проекти, на Горан Столевски, Димитар Оровчанец, Агим Абдула и Андреј Иливески Волкашин.

    Резултатите од прифатените проекти во прв рок по Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм, кој беше објавен на 15 јануари, се објавени денес на официјалната страна на Агенцијата за филм.

    Продуцент на „Кајмак“ на Манчевски е „Банана филм“, а на „Најсреќниот човек“ Митевска „Сестри и брат Митевски“. Нивните филмови добија секој по половина од максималниот износ во категоријата долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел. Според Законот за филмска дејност, Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмски проект со средства во висина до најмногу 70% од вкупниот буџет на филмскиот проект, но не повеќе од 62.000.000 денари.

    Во категоријата долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел – дебитанти, највисока сума, 23 милиони денари (над 370 илјади евра) има добиено филмот „Кома“ на Агим Абдула во продукција на „Галактика пиктурес“. Следи „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски  со 21.5 милиони денари (350 илјади евра). Столевски на Санденс 2018 победи за најдобар краток филм со „Види ја ти неа“.  Димитар Оровчанец за „Убиј ги прво децата“ доби  20 милиони денари (325 илјади евра), а за „Слатката горчина на зрелите калинки“ Андреј Илиевски Волкашин доби 19 милиони денари (310 илјади евра).

    Долгометражни документарни филмови со мнозински македонски удел ќе снимаат Игор Иванов-Изи, Аљоша Симјановски, Огнен Димитровски и Сенад Абдули. Поддржан е и долгометражниот документарец „Планета на овците“ на Марвин Ентхолд, со македонско малцинско учество.

    Агенцијата подржа и 3 долгометражни играни филмови со малцински македонски удел: „Ескорт“ на хрватскиот автор Лукас Нола, првата грчко-македонска филмска копродукција „Зад стоговите“ во режија на младата грчка режисерка Асимина Продру, што Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж ја поддржа со 160.000 евра, како и „Живи и здрави“ на црногорскиот режисер Иван Маринковиќ.

    Во категоријата кратки играни филмови со мнозински македонски удел поддржани се проектите на Ана Јакимска и Радован Петровиќ, а пак Ѓорче Ставрески и Андреј Георгиев добија средства за снимање на кратки филмови со мнозински македонски удел, како дебитантски филмови.

    Агенцијата поддржа и еден краток анимиран филм, „Жиголо“ на Жарко Иванов со 1.3 милиони денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира