Во Музејот на современа уметност МоМУС во Солун в среда ќе се отвори изложбата „Сè што ни е заедничко“ организирана од Музејот на современата уметност (МСУ) од Скопје. Ќе се изложат дела на 14 уметници од Југоисточна Европа, а кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова од МСУ.
„Изложбата ја испитува несигурноста во различните социјални, политички и културни контексти поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост во земјите од Југоисточна Европа. Видео, сликарство, фотографија и инсталации се медиумите кои се користат за да се подигне свеста за општата опасност и да нѐ натера да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели“, велат од МСУ.
На изложбата ќе се претстават делата на уметниците Ана Адамовиќ (Србија), Лучезар Бојаџиев (Бугарија), Флака Халити и Албан Муја (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу и Антонис Питас (Грција), Рената Полјак (Хрватска), Анри Сала (Албанија / Франција), Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски (Северна Македонија).
Изложбата е соработка помеѓу двата музеја како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот, Европа и пошироко. МСУ на крајот на септември ќе биде домаќин на изложба на дела од колекцијата од МоМУС од Солун.
Б. НЕСТОРОСКА