КРАЛОТ ЧАРЛС ЌЕ ГО СЛУША НОВОТ АЛБУМ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ И ЌЕ ГО ГЛЕДА „ПРЕД ДОЖДОТ“ НА МАНЧЕВСКИ ПО СРЕДБАТА ВО ЛОНДОН

    КРАЛОТ ЧАРЛС ЌЕ ГО СЛУША НОВОТ АЛБУМ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ И ЌЕ ГО ГЛЕДА „ПРЕД ДОЖДОТ“ НА МАНЧЕВСКИ ПО СРЕДБАТА ВО ЛОНДОНСтефановски, режисерот Милчо Манчевски, културната менаџерка и универзитетска професорка во Финска Виолета Симјановска, актерот Раде Шербеџија, менаџерот Логин Кочишки, коосновачот на студиото ФХ3Х Миливое Ѓорѓевиќ-Мишко беа меѓу гостите на приемот кај кралот Чарлс на 21 октомври, по повод Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. (Фото: Палата Сент Џејмс)

    Влатко Стефановски му го подари новиот албум „Лондонски сесии“ (London Sessions) на британскиот крал Чарлс Трети на приемот во палатата Сент Џејмс во Лондон, а тој на Милчо Манчевски му рекол дека сака да го гледа Пред дождот“.  Стефановски,  Манчевски, културната менаџерка и универзитетска професорка во Финска Виолета Симјановска, актерот Раде Шербеџија, менаџерот Логин Кочишки, коосновачот на студиото ФХ3Х Миливое Ѓорѓевиќ-Мишко беа меѓу гостите на приемот кај кралот Чарлс на 21 октомври, по повод Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

    „Ова е моја втора средба со кралот, првата беше во 1998, кога тој беше во Скопје. Му ги покажав тие слики и се израдува кога ги виде. Имавме многу срдечна средба на гала коктелот со повеќе уметници и соработници од регионот, а кралот беше многу расположен. Кога му го подарив албумот кој го снимав во Лондон, ме праша каква музика е. Накусо му објаснив дека свирам рок, со елементи на македонска традиционална музика, и ми рече дека сигурно ќе го слуша. Ми беше голема чест што бев дел од гостите на овој прием“, ни рече Влатко Стефановски кој наредниве неколку дена е на турнеја низ Босна и Херцеговина.

    Кралот Чарлс му рекол на Манчевски дека сака да го гледа филмот „Пред дождот“, во кој Велика Британија е копродуцент, а кој се снимаше пред 32 години кога Македонија уште немаше формални дипломатски врски со земјата. (Фото: Палата Сент Џејмс)

    Милчо Манчевски вели дека кралот Чарлс му рекол оти сака да го гледа филмот „Пред дождот“, во кој Велика Британија е копродуцент, а кој се снимаше пред 32 години кога Македонија уште немаше формални дипломатски врски со земјата.

    „Зборувавме кратко за тоа дека почетокот на мојата кариера е поврзан токму со Бритиш Скрин, затоа што тие први го поддржаа ‘Пред дождот’ и најупорно го финансираа (дури и кога Македонија се повлече од проектот). Кралот побара да го види филмот, па ќе му го пратам преку неговиот личен асистент. Ми кажа дека тие се спонзори на Бритиш филм институт, јас го потсетив дека тие го наследија Бритиш скрин. Кралот е многу фокусиран и трпелив. Се прошетавме во другата соба да го видиме тронот, а еден долгогодишен вработен со гордост ни раскажуваше за последните денови на кралицата, која ја служел 21 година“, вели Манчевски.

    Албумот кој Стефановски го снимаше во Лондон во 2024 во студито „Аби роуд“ е во издание на „Кроација рекордс“. Во лондонското студио, тој со Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на контрабас сними 22 песни, меѓу кои и една од „Битлс“.

    „Во култното студио ги посетивме сите ходници, ги видовме сите инструменти и, да кажам, светите места каде што работеа ‘Битлс’. Во ‘Аби роуд студио 3’ пеев на микрофонот на кој своевремено пееше Ејми Вајнхаус. Огромна мотивација е да се снима на вакво место, а исто така е ретко искуство. Успеавме да снимиме 22 песни за два дена, Јан на тапани, Хојсак на контрабас и јас на гитара. Тон мајстор беше Горан Мартинац“, рече тогаш Стефановски.

    „Горди сме што нашиот уметник имаше можност да му ја претстави својата работа и музиката од нашиот регион на британскиот крал“, велат од „Кроација рекордс“.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира