МУЗАТА НА АЛМОДВАР РОСИ ДЕ ПАЛМА И ЅВЕЗДАТА НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ЕРИК КАНТОНА ЌЕ СНИМААТ ФИЛМ ВО МАКЕДОНИЈА

    МУЗАТА НА АЛМОДВАР РОСИ ДЕ ПАЛМА И ЅВЕЗДАТА НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ЕРИК КАНТОНА ЌЕ СНИМААТ ФИЛМ ВО МАКЕДОНИЈАДиректорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и продуцентката Лабина Митевска на денешната прес-конференција за новите проекти. Пред нив е наградата Златна арена, која Теона Стругар Митевска ја доби за најдобра режија во категоријата хрватски малцински копродукции на 66.Филмски фестивал во Пула, Хрватска за филмот „Бог постои, името и е Петрунија“. (Фото: К. Попов)

    Шпанската актерка Роси де Палма, муза на славниот шпански режисер Педро Алмодовар, и францускиот актер и поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед Ерик Кантона ќе снимаат филм во Скопје и во Битола. Двете ѕвезди се дел од актерската екипа на филмот „Сирена во Париз“, француско-белгиско-македонска копродукција, а македонски продуцент е „Сестри и брат Митевски“.

    Продуцентката Лабина Митевска денес објави дека филмот е веќе откупен од „Сони“, автор на проектот е Матијас Малзју, кому ова му е прв игран филм. На 30 август почнува снимањето, ќе снимаат шест недели во Македонија, есктериери во Битола и околината и студиски снимања во Скопје во студијата на „Фх3х“.

    Роси де Палма и Ерик Кантона се дел од актерската екипа на филмот „Сирена во Париз“

    „Во Париз, обилните врнежи доведоа до историски поплави на Сена заедно со мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце“, е дел од содржината на филмот.

    Митевска и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија денес на прес-конференција соопштија дека американскиот гигант во телевизиска продукција „Нетфликс“ во октомври во Македонија ќе го снима првиот дел од мини ТВ-серијата „Во вечерта“. Тие рекоа дека сѐ уште не смеат да објават кои актери ќе дојдат. Митевска ќе биде извршен продуцент на серијата.

    „За нашата мала компанија е огромна чест да ги изработиме овие два проекта. Се разбира дека и одговорноста е голема, бидејќи не се претставуваш само себеси, туку си во функција исто на целосното претставување на македонската кинематографија и што Македонија може да понуди како земја“, рече Митевска.

    Директорот Тозија кажа дека во текот на летово во Македонија, покрај најавените проекти на Митевска, ќе се снимаат уште четири филмови: „Стела“ на Стојан Вујичиќ, „Сестри“ на Дина Дума, „М“ на Вардан Тозија, „Снежана умира на крајот“ на Кристијан Ристевски и македонско-турската копродукција „Најтешкото нешто“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира