НЀ ВОСПИТУВАА ДА МОЛЧИМЕ, НО КОНЕЧНО МЛАДИТЕ ИМААТ ПОТРЕБА ДА СЕ ОТВОРААТ, ВЕЛИ МИРЈАНА КАРАНОВИЌ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ВТОРА ШАНСА“ НА ЏИЏЕВА

    НЀ ВОСПИТУВАА ДА МОЛЧИМЕ, НО КОНЕЧНО МЛАДИТЕ ИМААТ ПОТРЕБА ДА СЕ ОТВОРААТ, ВЕЛИ МИРЈАНА КАРАНОВИЌ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ВТОРА ШАНСА“ НА ЏИЏЕВАРежисерката на „Втора шанса“ Марија Џиџева и актерката Мирјана Карановиќ на денешната прес-конференција по премиерата што го отвори Скопје филм фестивал (Фото: К. Попов)

    „Направивме женски филм, за женските карактери и нивните затворени светови“, вели режисерката Марија Џиџева, по синоќешната премиера на нејзниот прв долгометражен игран филм „Втора шанса“, со која во полното кино Миленум се отвори 22. Скопје филм фестивал. Филмот е снимен по сценарио на Огнен Георгиевски, и е македонско-српска копродукција на „Смол мувс филмс“ и „Биберче продукција“. Играат Мирјана Карановиќ, Даниела Иваноска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула и Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески.

    Филмот е за три жени од различни генерации, кои се соочуваат со сопствените демони за време на воениот конлфикт во 2001.

    „Ние не сме воспитувани да се отвораме и комуницираме, дури денес, после децении почнува да се разговара за тоа дека е потребно комуницирање. Ние живееме на терен во кој отворање всушност значи слабост, позиција од која можеш да изгубиш сѐ. Цел Балкан повеќе време потроши на војни и разни судири, на беда, на лоши историски фази, наместо како во други делови од светот да има долг период на неколку векови стабилност. Тоа е проблем и се пренесува во воспитувањето. Подобро да молчиш и да не започнуваш ништо. Во филмов гледате тоа се менува во генерациите и младите имаат потреба да разговараат“, рече легендарната српска глумица Карановиќ денес на прес-конференцијата.

    Даниела Иваноска, Наталија Теодосиева, Марија Џиџева и Мирјана Карановиќ (Фото: К. Попов)

    Теодосиева рече дека „Втора шанса“ е филм кој ќе ја натера публиката да разговара, а Иваноска кажа дека еден од најубавите моменти во приказната е за односот на самата женска природа и гледање на нештата, за тоа како секоја од трите успева да се избори да го преживее денот.

    „Како жената да продолжи понатаму, дали имаме втора шанса и како ја гледаме таа шанса“, рече Иваноска.

    „Сите беа возбудени дека им е премиера на прв филм, јас толку околу премиерата не, колку повеќе од фактот дека сите кои работеле на филмот се мои поранешни студенти. Можам да кажам дека учениците го надмина учителот“, рече Чевревски, кој беше професор и декан на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

    Низ филмот постојано се провејува ликот на Миле, корумпиран висок полициски службеник, кој физички не се појавува, но е како нишка која ги поврзува сите ликови. На прашањето кој е Миле,  Џиџева вели дека е измислен лик кој треба да остане енигма, а на тоа се надоврза Карановиќ:

    „Во секоја држава има Миле. Тоа не е една личност, туку комбинација од разни личности, но јасно е кои се тие луѓе, спрега на власта и криминалот“.

    Продуцентот Светозар Ристовски кажа дека преговараат од кога да почне кинодистрибуцијата на филмот и дека аплицирале на повеќе фестивали.

    Скопје филм фестивал ќе трае до 25 април во Милениум, Фросина и во Кинотеката. За вечерва во 21 часот во Кинотеката е најавен стартот на Омажот на Мето Јовановски, со проекција на „Кога ќе осамне денот“ на Горан Паскаљевиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира