НА 13 ЈАНУАРИ ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ДОБИЕ НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР

    НА 13 ЈАНУАРИ ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ДОБИЕ НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАРМакедонскиот документарен филм „Медена земја“ е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. (Фото: Продукција на „Медена земја )

    Американската академија за филмска уметност и наука на 13 јануари ќе ги објави номинациите за најпрестижната филмска награда Оскар и тогаш ќе се знае дали македонскиот документарец „Медена земја“ ќе биде номиниран и во колку категории.

    Академијата на 17 декември го објави потесниот избор филмови во 9 од вкупно 24 категории, од кој што на 13 јануари ќе се изберат по пет кои ќе добијат номинација за Оскар. Членовите на Академијата од денеска па до 7 јануари ќе гласаат за филмовите од потесниот избор. Свеченото доделување е на 9 февруари во Холивуд.

    „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

    Во категоријата најдобар документарец во потесниот избор се 15 филмови од 159 пријавени, а „Медена земја“ за номинација ќе се бори со „Адвокатка“, „Американска фабрика“, „Аполо“, „Аполо 11“, „Акварела“, „Најголемата мала фарма“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“, „За Сама“, „Големото хакирање“, „Урни ја куќата“, „Девојка’, „Полноќно семејство“, „Нација со по едно дете“.

    „Медена земја“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, но во категоријата за најдобар документарец се квалификува поради победата на фестивалот Докавив во Тел Авив.

    Во категоријата најдобар странски филм во потесниот избор влегоа 10 филмови од 91 пријавени. Со „Медена земја“ избрани се и „Обоена птица“ од Чешка, „Вистина и правда“ од Естонија, „Клетници“ од Франција, „Оние што останаа“ од Унгарија, „Корпус кристи“ од Полска, „Сучка“ од Русија, „Атлантикс“ од Сенегал, „Паразит“ од Јужна Кореја и „Болка и слава“ од Шпанија.

    Ако добие номинација за Оскар во двете категории, „Медена земја“ ќе биде прв македонски филм што успеал во тоа.

    Оскарите се доделуваат во 25 категории, а традиционално за најважна се смета онаа за најдобар филм.
    „Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој има номинација за Оскар, ја доби во 1995.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари