НАГРАДАТА НЕ ЗНАЧИ ТОЧКА, ТУКУ ДВЕ ТОЧКИ, РЕКОА МИЛЧИН И МЈАКУ, ЛАУРЕАТИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

    НАГРАДАТА НЕ ЗНАЧИ ТОЧКА, ТУКУ ДВЕ ТОЧКИ, РЕКОА МИЛЧИН И МЈАКУ, ЛАУРЕАТИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“Aктерот Бајруш Мјаку, градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски и режисерот Владимир Милчин, на синоќешното отворање на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Фото: А. Бошкоска)

    „Ова е наше време, време за театар“ е мотото на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој почна синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

    На свеченото отворање беа доделени наградите за животно дело за режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку, гитарскиот виртоуз Влатко Стефановски одржа концерт по што се изведе првата претстава од официјалната конкуренција, „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, во продукција на Македонскиот народен театар ( МНТ).

    Влатко Стефановски со уметничката директорка на фестивалот, Катерина Коцевска (Фото: А. Бошкоска)

    „Наградите се секогаш пријатно изненадување, доколку не ги сфатиме како нешто што треба да нѐ промени. Ниту една награда во животот не ме променила. Едно знам: дури и да не беше наградата, јас ќе продолжам да правам претстави, зашто тоа е посилно од сѐ. Наградата е убава работа, ама не значи точка, туку е две точки и потоа следува уште нешто. Театарот е живот и не завршува со наградите“ рече Милчин.
    Мјаку кажа дека секоја награда си има своја тежина, и оти оваа му е посебно драга оти доаѓа од колегите.

    „Овде, во Прилеп, врвните македонски уметници ги испраќаат своите пораки кои со илјадници години покажуваат дека се едни од најсилните корективи на актуелните општествени случувања“, рече заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

    „Чернодрински“ трае до 15 јуни, а ќе се изведат уште седум претстави од новата македонска театарска продукција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари