Претставата „Три сестри“, работена по мотиви од Антон Павлович Чехов и во режија на Нела Витошевиќ, ќе има премиера во Македонскиот народен театар (МНТ) на 25 септември. Витошевиќ вели дека не ја поставува драмата од Чехов, туку им послужила како инспирација за да напишат нов текст со Васил Христов. Таа вели дека нивната идеја била да создадат силни карактери и преку тие силни карактери, преку нивните лични кризи, да се проговори за општествените кризи.
„Она што мене ме интересираше да го истражувам денес е изгубеноста на поединецот во современото општество и да се занимавам со причините. Па така, во процесот си поставувавме прашања: зошто денешниот човек постојано има потреба да почне одново, зошто постојано живее во еден балон на очај, нереализираност, несреќа, кои се причините за тоа, дали причините треба да ги бараме во нас самите, дали треба да ги бараме во општеството и во механизмите што нè газат и колку минатото и траумите од минатото влијаат на таа состојба“, вели Витошевиќ.
Во центарот на драмата, вели режисерката, има едно семејство и нивните блиски луѓе и преку таа галерија на девет карактери гледаме еден личен распад, меѓутоа и еден општествен распад, во кој се отвора простор каде што се гледа ерозија на хуманизмот и постепено потиснување на интелигенцијата во општеството денес.
„Во центарот се тие карактери со нивните промашени животи, со нивните погрешни одлуки, кои едноставно постојано тие шетаат во тој лавиринт и пробуваат да одговорат зошто е така. Значи, мене повеќе ме интересираше прашањето: зошто?“, вели Витошевиќ.
Главните улоги ги играат Верица Недеска, Наталија Теодосиева, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски и Нина Деан.
Теодосиева ја глума средната сестра Маша, и вели дека според Чехов, Маша беше најстрасната сестра, но за неа овде би рекла дека е најтажната сестра, поточно, најистрауматизираната сестра.
„Таа носи голема траума со себе, сведочејќи на еден многу трагичен настан и ја носи смртта на мајка ѝ со себеси секаде. За да се спаси од таа траума, таа користи многу механизми за справување, односно сарказам, цинизам. Не може, едноставно не може да гледа кога некој друг е среќен. И по тоа можете да забележите колку е несреќна. Така што, во денешно време, во современо време, кога земаме некоја девојка која се омажила на 18 години со 30-годишен маж само за да избега од дома, а не поради љубов, туку затоа за да се спаси себеси, тогаш би рекла дека навистина е многу, многу несреќен лик и лик кој можеби ќе резултира со катастрофа“, вели Теодосиева.
На прашањето која сцена ѝ беше најтешка за работа таа вели дека целата претстава и сите ликови имаат многу голем емотивен влог.
„Можеби мојата најтешка сцена е сцената кога го оттргнувам Александар од мене, односно новиот љубовник кој решил дека сепак ќе си замине, односно ќе се врати во странство таму каде што дошол после 15 години. Маша ќе го оттргне од себе, тој ќе ја напушти и таа се справува со уште една голема загуба. Затоа што таа врска за неа претставува виза за некаде, за некое подобро утре“, ни рече Теодосиева.
Ликот на најстарата сестра, Олга, го игра Верица Недеска, која вели дека Олга е лик во којшто еден голем дел од публиката ќе се препознае.
„Мислам дека таа е најреалниот лик во претставата. Човек којшто тагува и сонува можеби за некои поубави времиња, меѓутоа за разлика од другите коишто се во фантазија повеќе, повеќе фантазираат за нешто што им било прераскажувано, таа е таа којашто тоа навистина некогаш го доживеала“, рече Недеска.
Дамјан Цветановски го глуми ликот на Андреј, братот на трите сестри, и вели дека истите проблеми за кои пишувал тогаш Чехов се и денес мошне присутни, така то не беше многу тешко да се извлече некоја паралела. Го прашавме како течеше соработката со актерките за да го изградат тој однос брат и сестри, Цветановски вели дека сè течело лесно , се надоврзуале, се следеле.
Ликот на Наташа, сопругата на Андреј, го глуми Нина Деан, и вели дека ако Наташа кај Чехов е симбол на малограѓанштина, во современата верзија ситуацијата е малку поинаква.
„Наташа е апсолутно во право за сè што прави. Можеби таа не е интелектуалка како што се трите сестри, можеби не е толку софистицирана, елоквентна, ама сепак нејзината перспектива верувам ја имаат повеќето жени што имаат таков маж и кои живеат со трите сестри на мажот дома. Јазикот може не ѝ е баш рафиниран и софистициран, ама пораката ѝ е сосема, според мене, оправдана. Таа е реална жена и верувам дека многумина ќе се пронајдат. И тоа е убавината на текстот, во него нема само злобен и нема само добар, туку сите имаат од сè по нешто. И да, сите се на некој начин и грешни и праведни“, рече Деан.
Во претставата играат и Благој Веселинов, Емил Рубен, Ивица Димитријевиќ и Антонио Ташковски. Драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Костимите се на Розе Трајческа, сценографијата на Игор Васиљев, а музиката на Огнен Анастасовски.
Б. НЕСТОРОСКА







