НЕ МЕ БИВАШЕ ЗА ОВЧАР, ПА СТАНАВ СНИМАТЕЛ, ОТКРИ ОСКАРОВЕЦОТ ЏОН СИЛ ВО БИТОЛА

a:2:{s:16:"td_post_template";s:15:"single_template";s:9:"td_source";s:45:"Битола,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    НЕ МЕ БИВАШЕ ЗА ОВЧАР, ПА СТАНАВ СНИМАТЕЛ, ОТКРИ ОСКАРОВЕЦОТ ЏОН СИЛ ВО БИТОЛА

    Како што со камерата ги понесува гледачите во филмот, така со својата харизма ја понесе публиката во Битола славниот австралиски кинематографер, оскаровецот Џон Сил, добитник на Златна Камера 300 за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“. На денешниот матерклас во Битола тој ја воодушеви публиката со својата едноставност и непосредност.

    Снимателот на хитови како „Лудиот Макс: Пат на бесот“, „Англиски пациент“, „Хари Потер и магичниот камен“, „Дождовен човек“, „Талентираниот г. Рипли“, „Друштво на мртвите поети“, пред полната сала зборуваше за своите почетоци, откривајќи дека пред да стане снимател,  чувал овци.

    „Во 1960-тите години, во Австралија занимавањето со фотографија и со снимање не се сметаше за сериозна професија, требаше да се работи некоја ’вистинска’ работа. Така, како некој каубој тргнав да чувам овци, но ги загубив. Тогаш одлучив дека тоа не е за мене и отидов во Сиднеј да работам во телевизија. Едноставно, ја сакав таа работа.  Работевме многу напорно во тоа време, камерите беа огромни, се снимаа првите реклами и ТВ-серии. Тие седум години беа добар тренинг и ми дадоа добра позиција во натамошното снимање“, рече Сил.

    Оскаровецот истакна дека за него најважна е слободата во снимањето, а понекогаш и брзината за да се фати некој уникатен кадар.

    „Има разлика меѓу австралискиот и американскиот систем на снимање филмови. Директорот на фотографија во Америка го чека режисерот да му каже што точно да прави. Во тоа нема слобода за снимателот. Во Австралија пак имате слобода како снимател.  Јас секогаш имав тесна соработка со режисерот, но имав и слобода со камерата. Точно разбирав што режисерот сака од таа сцена, разговаравме за тоа како да биде покриена таа сцена. Тоа ми оставаше многу слобода во Австралија“, рече Сил.

    Кога заминал за Америка да снима филмови призна дека во прво време бил нервозен, зашто почнал да работи со големи ѕвезди. Ги спомена Харисон Форд, Ентони Хопкинс и други. Но, заклучил дека познатите личности можеби не се едноставни во животот, но онаму каде што се снима филмот стануваат многу едноставни и секојдневни, пријатни за соработка. Тој додаде дека за американскиот филм е многу важно да има голема филмска ѕвезда, па присуствувал и на средби каде продуцените им се заканувале на режисерите дека нема да им дадат пари ако на филмското платно не ја видат Деми Мур.

    „Не сакам да бидам таков кинематографер што работи толку предвидливо, па кога ќе го видите филмот веднаш знаете за кого се работи и без да му го прочитате името. Се обидувам да работам на разновидни филмови и да го прилагодам начинот на снимање на самиот филм и содржината, наместо филмот да го прилагодувам кон светлото“, рече Сил.

    „Треба да ја зграпчите публиката, да ја вовлечете во филмот и да не ѝ дозволите да излезе“, вели Сил.

    Токму таков е и „Англискиот пациент“, еден од најзначајните филмови во неговата биографија , во режија на Ентони Мингела, со Жулиет Бинош во главната улога, за кој освои Оскар во 1997. Сил објасни дека филмот е работен по книга која е толку комплексна, што режисерот го изработил сценариото така што со часови седел и ја препрочитувал одново и одново, сѐ додека не ја екстрахирал сржта на романот, а тоа е љубовната приказна.  Тој објасни и како ја снимил една од највпечатливите сцени, онаа кога Бинош со факел во раката и јаже се искачува до таванот на еден храм. Откри дека наместо вистински факел бил користен електричен пламен.

    „Видов цела кутија со факели донесени на снимање. Ги прашував техничарите што ќе се случува со факелот. Ми рекоа дека се дел од сцената и дека во раце ќе треба да ги држи актерката. Реков, како на она француско девојче ќе му го дадете ова опасно средство? Така пишува во сценариото, ми одговорија. Нема шанса, реков. И направивме електричен пламен, а актерката беше врзана со електрични жици под облеката“, рече Сил.

    И покрај успешната кариера и снимените многу филмови скоро низ целиот свет, Сил успеа да си го сочува долгогодишниот брак со сопругата Луиз. Таа го придружува дури и на фестивалот „Манаки“ во Битола, а на мастеркласот на Сил доби голем аплауз од публиката.

    „Најтешкиот начин да се живее животот е кога си со месеци одвоен од семејството. Додека децата беа помали, се селевме низ светот, но откако пораснаа стануваше сѐ потешко да ги натераме да ги менуваат училиштата и државите. Така Луиз имаше многу одговорна задача да ги одгледа децата. Јас пак, секогаш паузата меѓу филмовите ја користев за да се вратам дома кај семејството“, призна Сил.

    Луиз пак, беше запрашана која е тајната да се опстои толку долго во брак со снимател кој е многу зафатен со филмови. Одговори: „Љубов и трпение“.

    Публиката во салата, меѓу која беше и вториот оскаровец Алан Старски, гостин на фестивалот, кој вчера одржа мастерклас, го испрати Сил со громогласен аплауз.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира