НЕ ОЧЕКУВАЈТЕ ДА ЧУЕТЕ ЛЕСНИ НОТИ, ВЕЛИ ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА ПРЕД 38. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

    НЕ ОЧЕКУВАЈТЕ ДА ЧУЕТЕ ЛЕСНИ НОТИ, ВЕЛИ ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА ПРЕД 38. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛОд деветте учесници на годинашниот фестивал шест издаваат за „И-Ем-Си“, најави Белопета (Фото: СДК. МК)

    Јубилејот 50 години на реномираната германска издавачка куќа „И-Ем-Си“ ќе биде во фокусот на 38. издание на Скопскиот џез фестивал, чија официјална програма ќе трае од 17 до 20 октомври и главно ќе се одвива во Националната опера и балет.

    Од деветте групи и соло изведувачи кои ќе настапат на годинашниот фестивал шест издаваат под капата на „И-Ем-Си“, за чиј историјат ќе може да се дознае од документарниот филм „Звуци и тишина“, што ќе се прикаже утре во кино Фросина (20 часот).

    „Скопскиот џез фестивал единствен во Југоисточна Европа доби лиценца да се приклучи на таа широка прослава, привилегија што ја имаат само уште неколку фестивали во западна Европа и САД. Од деветте изведувачи во главната програма, шест се заштитен знак на оваа издавачка куќа“, вели директорот на СЏФ, Оливер Белопета.

    Тој додаде дека фестивалот го задржува концептот што го почна пред неколку години.

    „Ние и оваа година го задржуваме нашиот оригинален и храбар пристап кон џезот, со каков што не можат да се пофалат многу фестивали во Европа. Тоа значи дека програмата не се прави за да се приспособи на вкусовите на публиката, туку односот кон публиката повеќе треба да биде од едукативен карактер. Затоа, не очекувајте лесни ноти, нив ги оставаме на други“, додаде Белопета.

    Иако фестивалот официјално се отвора в четврток, првиот настан ќе се одржи вечерва во Младински културен центар, кога на басистката Андреа Мирческа ќе ѝ биде доделен „Златен орикс“ за најдобар млад џез музичар за 2019.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира