НЕ САМО СКОПЈЕ КАКО ГРАД НА КУЛТУРАТА 2028, ТУКУ ЦЕЛА ДРЖАВА ТОГАШ ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА ЕВРОПА, ВЕЛАТ ДИПЛОМАТИТЕ ВО ЗЕМЈАВА

НЕ САМО СКОПЈЕ КАКО ГРАД НА КУЛТУРАТА 2028, ТУКУ ЦЕЛА ДРЖАВА ТОГАШ ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА ЕВРОПА, ВЕЛАТ ДИПЛОМАТИТЕ ВО ЗЕМЈАВАСловенечкиот амбасадор Прескер и италијанскиот амбасадор Палминетри на изложбата во Европската куќа во Велес. (Фото: СДК.МК)

Во пресрет на „Скопје-2028 Европска престолнина на културата“,  во Европската куќа во Велес, претставниците на амбасадите во земјава од Италија, Словенија и од Германија зборуваа за искуставата од градовите кои беа домаќини во 2025, Горица (Италија), Нова Горица (Словенија) и Кемниц (Германија). Тие говореа на изложбата „Инспирации“, која беше отворена во Европската куќа во Велес, со цел да се запознаат културниот потенцијал на Велес и на останатите македонски градови, во кои ќе биде претставена изложбата.

На триесетина фотографии се претставени дел од содржините на манифестациите во трите града домаќини:  Горица, Нова Горица и Кемниц.

„Треба да размислиме како можеме подобро да ги искористиме јавните простори, да ја поттикнеме локалната креативност и да создадеме повеќе можности за учество на заедницата. Од зголемена туристичка посетеност и меѓународна препознатливост до обновени јавни простори и активно учество на младите, искуствата на Кемниц, Нова Горица, Горица и Тарту покажаа дека придобивките од титулата ‘Европска престолнина на културата’ се конкретни и мерливи“, рече Грегор Прескер, амбасадор на Словенија.

На триесетина фотографии се претставени дел од содржините на манифестациите во трите града домаќини:  Горица, Нова Горица и Кемниц. (Фото: СДК.МК)

Тој потенцираше дека манифестацијата се залага за создавање наследство. Тоа не е само едногодишен настан или серија настани, туку нешто што ќе остане и во иднина, за следните генерации. Одредени проекти, како и инфраструктурни зафати, ќе останат и ќе бидат наменети за потребите на идните генерации и за организирање идни настани.

Гостите, амбасадорите на Словенија и Италија, како и претставникот на Германската амбасада, посочија дека изложбата не е само осврт кон европските искуства, туку отвора и поширока перспектива за тоа што може да се научи од градовите што успеале да ја претворат културата во важен дел од својот развој. Тие очекуваат дека Скопје ќе понуди многубројни културни манифестации и дека голем број туристи ќе дојдат да проследат најразлични настани.

„Тоа што ќе се случи и во Скопје, на некој начин, ќе се однесува на целата земја, па така и во Велес ќе се почувствуваат позитивните ефекти од оваа 2028 година што претстои“, рече Паоло Палминтери, амбасадор на Италија.

„Скопје е главниот град, но Скопје не може да направи сè, ниту може да направи сè само. Затоа, навистина сметаме и на Велес да придонесе со идеи и креативност и да им покаже на останатите, бидејќи не е само Скопје тоа што ќе биде во центарот на вниманието, туку целата држава. Европската престолнина на културата е навистина одлична и голема можност што може да ја стави Северна Македонија на мапата“, изјави Кевин Маас, раководител на Одделот за печат и култура при Германската амбасада.

Овогодишни престолнини на културата за 2026 година се Оулу (Финска) и Тренчин (Словачка), а за 2027 година тоа се Лиепаја (Латвија) и Евора (Португалија). Во 2028 година, покрај Скопје, градови домаќини ќе бидат и Бурж во Франција и Чешке Будјејовице во Чешка.

Манифестацијата „Европска престолнина на културата“ е востановена во 1985, на иницијатива на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури.

П. ПЕЧКОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира