„НЕКОЈ БИЛ ТУКА“ НА АНДОВА-ШОПОВА Е РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА 2018

    „НЕКОЈ БИЛ ТУКА“ НА АНДОВА-ШОПОВА Е РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА 2018Фросина Пармаковска (претседателка на жирито и лански лаурет), Николина Андова-Шопова, добитничка на годинашната награда и Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“ на денешната прес-конференција (Фото: СДК.,МК)

    „Некој бил тука“ на Николина Андова-Шопова, во издание на „Темплум“ е прогласен за Роман на годината за 2018 година, награда која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Престижното признание 18 години го доделуваше „Утрински весник“, а по згаснувањето на весникот во 2017, изминативе две години го доделува Фондацијата.

    За наградата одлучуваше жири комисијата во состав: Фросина Пармаковска (претседател и минатогодишен лауреат), поетот и академик Богомил Ѓузел, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и новинарката Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата.

    Ѕвездан Георгиевски од Фондaцијата „Славко Јаневски“ вели дека на конкурсот пристигнале 36 книги, а финалисти, покрај „Некој бил тука“ биле и: „Старв од варвари“ на Петар Андоновски, издание на „Или-или“ и „Маџун“ на академик Влада Урошевиќ, издание на „Магор“.

    „’Некој бил тука’ е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување“, стои во одлуката на жирито.

    „Среќна сум за оваа награда, која изминативе години успеа да го задржи своето реноме. Меѓу добитниците на оваа награда има многу од моите омилени македонски писатели од повеќе генерации“, рече Андова-Шопова на денешната прес-конференција.

    Андова-Шопова за својата прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ (2013) ја доби наградата „Мостови на Струга“. Освен поезија, таа пишува и раскази, песни и сликовници за деца.  „Некој бил тука“ е нејзин прв роман.

    Свеченото доделување на наградата е закажано за на 10 април во Културно информативниот центар (КИЦ).

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари