Уметниците од странство кои годинава се дел од јубилејното 60. издание на фестивалот Охридско лето, дојдоа без страв поради пандемијата на ковид-19, напротив, дојдоа со голема љубов и почит за фестивалот, вели музичката селекторка, професорката и пијанистка Даница Стојанова. Според Стојанова, која на оваа функција беше назначена пред два месеца, да се подготви програма во ова специфично време, во време на пандемија, не е само предизвик туку пред сѐ голема одговорност.
„Од една страна го имате најголемиот непријател, ковид-19, поради кој секојдневно се менуваат работите, од друга страна имате Фестивал кој е интернационален бисер и светски познат по неговиот квалитет, интегритет, престиж за секој врвен светски уметник да настапи, така што Охридско лето е предизвик, радост, љубов за мене како музички селектор“, вели Стојанова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Најголемата музичко-сценска манифестација во земјава годинава поради ковид-19 за првпат го промени терминот на одржување, и наместо од 12 јули до 20 август, се одржува од 4 до 30 август. За време на подготвувањето на програмата имало промени до последниот ден пред да излезат на прес-конференција и многу стресни ситуации, но вели Стојанова, тимот на чело со директорката Наташа Поповиќ ги решавале одлично.
„Меѓутоа и покрај сѐ, успехот е неизбежен зашто јас се водев од мојата професионалност и високи критериуми, програмата да биде полна со еминентни светски имиња како и имиња од врвните македонски уметници. Морам да напоменам дека неколку настани веќе беа на програмата, договорени претходно од дирекцијата на фестивалот Охридско лето. Сепак, за месец дена да успеете, пак ќе кажам, во време на пандемија да направите 20 настани од вкупно 26 кажува сѐ. Да се надеваме дека сите концерти ќе бидат реализирани до крајот на фестивалот. Имавме одлично, достоинствено отворање, да продолжиме во таа насока до крај“, вели Стојанова.
За време на подготовките откажал само еден уметник, македонски уметник кој живее и работи во Европа, не по негова вина, но Стојанова се надева дека следната година ќе биде реализиран неговиот концерт.
„Тоа не влијаеше на програмата, затоа што имав договорени повеќе настани од дозволеното, така што коцките се наместија одлично. Засега сè тече по протокол. Веќе доаѓаат гостите, презадоволни од организацијата на дирекцијата и целокупниот менаџмент, сѐ уште никој ни нема откажано. Уметницата од Русија Наталија Трул е веќе дојдена, Кемал Гекиќ од САД исто така наскоро пристигнува, гостите од Европа воопшто не се спорни, до сега сите потврдија доаѓање, а од соседството од Хрватска и Словенија решија да дојдат со коли. Ова се врвни уметници со висока свест, совест и одговорност, без никаков страв, напротив со голема радост веднаш прифатија да дојдат, почестени што ќе можат да настапат во живо пред публика (иако не многубројна ) на фестивалот Охридско лето“, вели селекторката.
Стојанова потенцира дека строго се држат по протоколите дадени од Комисијата за заразни болести, постојано се на физичка дистанца, носат маски, се мери температура и има континуирана дезинфекција.
„Најтешко од сѐ мене лично ми е моментот што не можам да ги гушнам неколкумината од нив кои ми се добри пријатели – колеги, со кои сме се среќавале и запознале по светот, на мастеркласи, концерти и фестивали и се немаме видено со години. Но, постојано им кажувам, им пишувам дека сум пресреќна што ќе ги видам. Истото се однесува и на македонските уметници, кои одвај чекам да ги видам да настапат на ова фестивалско издание. Освен селекцијата на уметниците, мојата мисија како музички селектор на Фестивалот е да ги промовирам и понудам делата од македонското класично творештво на уметниците од другите земји по светот. Да не ја заборавам поддршката и искрените честитки, кои ни доаѓаат од нашите уметници кои живеат по сите страни на светот и тоа го прави овој фестивал уште појак и единствен. Зашто, сите ние сме ‘на дното’, ама нè има многу кои гледаат кон ѕвездите и одат напред“, ни рече Стојанова.
Ја прашавме дали во подготвувањето на програмата или овие денови се случи некоја анегдота, а таа вели: „Секако, многу ‘голем впечаток’ (т. е. читај незнаење) остави на социјалните мрежи еден портал, кога ја најавија првенката Ана Липша-Тофовиќ дека ќе го отвори фестивалот Охридско лето 2020 година, иако на пресот неколку пати реков Охридско лето ќе се отвори со концертот под наслов ‘Вокални бисери – по стапките на Ана Липша-Тофовиќ“.
Б. НЕСТОРОСКА