НОЌ НА НАГРАДИ НА „БРАЌА МАНАКИ“ ВО ПОЛУПРАЗНА САЛА

    НОЌ НА НАГРАДИ НА „БРАЌА МАНАКИ“ ВО ПОЛУПРАЗНА САЛАДобитникот на „Златната камера 300“ Кјонг-Пио Хонг не беше присутен на завршната вечер, а „Сребрена камера 300“ доби Французинот Ерик Готје за беспрекорната камера во „Пелета е најчисто бело“ (Фото: СДК)

    Церемонијата на затворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола се одржа во полупразна сала во Центарот за култура.

    Вообичаено, завршната вечер привлече помалку публика отколку отворањето. И на црвениот тепих немаше метеж. Низ него поминаа по некој локален функционер, директор, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и оние филмаџии кои до крајот на фестивалот останаа во Битола. За разлика од отворањето, кога црвениот тепих беше парада на политичари, вечерва, ноќ пред референдумот, ги имаше малкумина. Дел од публиката откако изминатите денови се најде под лупата на модни критичари за тоа како изледаше на црвениот килим на отворањето, сега дојде од други приоди кон Центарот за култура.

    Директорката на Фестивалот Гена Теодосиевска рече дека најмногу била трогната од публиката од Битола, која ги посетувала сите вечерни проекции и им се заблагодари.

    „Знам дека денот поминува и дека сето ова утре ќе биде историја. Но, немојте да помислите дека ние не ја правиме историјата, зашто секој момент поминат заедно со оние кои мислат заедно е едно мало, но во исто време и големо чудо“, рече Теодосиевска.

    Годинашен лауреат на 39. издание на „Браќа Манаки“ е јужнокорејскиот кинематографер Кјонг-Пио Хонг, кој во конкуренција на 12 филмови во официјалната програма ја доби „Златната камера 300“ за филмот „Горење“.

    Претседателката на меѓународното жири Олимпија Митилинау рече:

    „Oва е најелегантно раскажана филмска приказна, секое движење зад камерата пренесуваше некакво чувство, совршена комбинација на забава и уметност и успеа публиката да ја стави во главата на главниот актер“.

    Но, кинематограферот не беше во Битола да ја подигне наградата.

    „Сребрена камера 300“ доби Французинот Ерик Готје за беспрекорната камера, која неуморно го следеше дејството во бунтовната и интимна филмска приказна „Пелета е најчисто бело“. Готје рече дека би сакал да ја подели наградата со режисерот на филмот и со остатокот од филмската екипа, зашто имал многу добро искуство снимајќи во Кина, како и со Роби Милер, кој бил негова инспирација.

    „Бронзената камера 300“ му припадна на полскиот снимател Лукаш Жал за брилијантната камера која просветлува епска љубовна приказна во филмот „Студена војна“. Од жирито беше кажано дека сликите во филмот се безвременски и одлично ги доловија промените во атмосферата на различните епохи и места. Тој од фестивалот во Битола замина порано, па дополнително наградата ќе му биде врачена.

    Наградата „Златна камера 300“ за краток филм му е доделена на Адрик Ватсон за филмот„Сите овие суштества“.

    На завршната вечер беше прикажан краткиот филм „Скаут“ во режија на Алекс Цветков, што пред една недела имаше премиера во Лос Анџелес. Најголемиот дел од филмската екипа допатува во Битола и се поклони пред публиката. Филмот покажа колку човечките животи се заробени од интернетот и мобилните телефони, па се снима во живо дури и кога треба да се помогне оти некој умира. На крај следуваше проекција на филмот „Црниот Кју-клукс-клановец“ во режија на Спајк Ли, кој беше во официјална конкуренција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира