НОВИ ФОРМИ НА ГРОБОВИ И НОВ РИТУАЛ НА ПОГРЕБУВАЊЕ ОТКРИЕНИ ВО ПРЕСПАНСКА НЕКРОПОЛА

    НОВИ ФОРМИ НА ГРОБОВИ И НОВ РИТУАЛ НА ПОГРЕБУВАЊЕ ОТКРИЕНИ ВО ПРЕСПАНСКА НЕКРОПОЛАНекрополата се наоѓа на зарамнето плато кое се надвишува над афалтираниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид. (Фото: Археолошки музеј)

    Нови гробни форми како и нов ритуал на погребување се откриени во хеленистичката некропола Гимбабица кај селото Избишта во Преспа. Некрополата се наоѓа на зарамнето плато кое се надвишува над афалтираниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта.

    Откритијата се дел од четвртата археолошка истражувачка сезона на тимот археолози од Археолошкиот музеј на Северна Македонија, предводен од Перо Арџанлиев.

    Годинава за првпат на некрополата, а со тоа и за првпат во регионот, беа откриени гробови кои претставуваат правоаголни јами слободно вкопани во здравицата без каква било конструкција. (Фото: Археолошки музеј)

    Од Музејот велат дека првите наоди од некрополата се откриени случајно со пробивањето на асфалтираниот пат во 1953 . По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од Mузејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пред н. е. По 65 години, тимот археолози на чело Арџанлиев, во 2018 успеал точно да ја лоцира и хронолошки да ја детерминира некрополата.

    „Она што е интересно и што произлезе од овогодинешните истражувања е откритието на нови гробни форми како и регистрирањето на нов ритуал на погребување. Имено, годинава за првпат на некрополата, а со тоа и за првпат во регионот, беа откриени гробови кои претставуваат правоаголни јами слободно вкопани во здравицата без каква било конструкција, што е нешто ново во споредба со гробните конструкции од претходните истражувачки сезони. Тогаш беа откриени најразлични гробни конструкции изработени од камен и камени плочи“, велат од Археолошкиот музеј.

    Исто така, нова појава која била забележана на некрополата е погребување на спалени покојници, нешто што за првпат се среќава во овој регион во хеленистичкиот период и нешто што не е својствено ниту за соседниот Охридски Регион каде се истражувани далеку поголем број некрополи и гробови.

    Следна фаза е кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа резултатите ќе бидат јавно објавени. (Фото: Археолошки музеј)

    Според откриениот движен археолошки материјал, овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата, втора половина на 4. век пред н.е. и прва половина на 3.век пред н.е.

    Раководител на проектот е Арџанлиев, а стручниот тим го сочинуваат археологот Илија Бошковски и Благоја Фузевски.

    „Оваа некропола е доста значајна за македонската археологија затоа што засега е единствената некропола во Преспанскиот Регион од овој период која се истражува систематски. Сите добиени резултати се новина за науката и ја пополнуваат неправедно направената празнина“, велат археолозите.

    По теренските истражувања, следна фаза е кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа резултатите ќе бидат јавно објавени.

    „Гимбабица и Преспа нудат уште многу години на вредна археолошка истражувачка работа“, велат археолозите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира