ОБВИНЕТИОТ ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА АРХЕОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ВЛАХО КАЗНЕТ СО УСЛОВЕН ЗАТВОР ОД ЕДНА ГОДИНА И 360.000 ДЕНАРИ

    ОБВИНЕТИОТ ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА АРХЕОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ВЛАХО КАЗНЕТ СО УСЛОВЕН ЗАТВОР ОД ЕДНА ГОДИНА И 360.000 ДЕНАРИОбвинителството го задолжи обвинетото правно лице да обезбеди финансиски средства за идни истражувања (Фото: Види вака)

    Основното јавно обвинителство Битола поднесе предлог-спогодба со едно физичко и едно правно лице кои се товареа за уништувањето на источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влахо во селото Живојно, Општина Новаци. Предлог-спогодбата е потврдена и од Основниот суд во Битола.

    На обвинетиот Г. С., како одговорно лице во правното лице кое ги вршеше недзоволените ископувања на локалитетот, му е изречена условна казна затвор од една година која нема да се активира доколку во рок од три години не стори ново кривично дело и доколку не почитува одредени обврски.

    Правното лице не смее да врши експлоатација на јаглен од подрачјето на локалитетот Забрдо, Општина Новаци, сè додека не се изврши јасно означување и оградување на подрачјето на кое се протега локалитетот Влахо, како и на подрачјата на кои се претпоставува дека се протегаат локалитетите Бел Камен и Кералот. Ископувањата не смеат да се вршат и сè до завршувањето на заштитните археолошки истражувања.

    Обвинителството го задолжи обвинетото правно лице да обезбеди финансиски средства и да дозволи непосреден археолошки надзор од стручно лице – археолог, определен од НУ Завод и Музеј Битола, за целиот планиран опфат за експлоатација. Истовремено, на правното лице му е изречена парична казна од 360.000 денари и должно е да ги надомести и трошоците за геодетско вештачење.

    „Во периодот од ноември 2022 до 3 март 2023, обвинетиот Г. С. преземал дејствија во име и за сметка на осомниченото правно лице, со што ја уништиле источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влахо во селото Живојно, Општина Новаци, кое претставува регистрирано недвижно добро. Иако обвинетиот управител знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште Влахо, кое претставува културно наследство на кое не смее да се врши експлоатација, сепак ангажирал подизведувач – друго правно лице од Битола, на кое му дал насоки да започне со експлоатацијата на јаглен“, соопшти Основното јавно обвинителство Битола.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира