Ѓорѓе Балашевиќ, популарниот српски кантавтор чии песни се евергрин хитови на ексјугословенските простори, почина денеска во Нови Сад, откако пред една недела бил примен на Инфективната клиника поради воспаление на белите дробови како последица на ковид-19. Почина на 3 месеци пред да наполни 68 години.
Познат по прекарот Панонски морнар, по неговата популарна песна, Балашевиќ кариерата ја почна со групата „Жетва“ и хитот „Во патецот те бакнувам (У раздељак те љубим), продолжи со „Рани мраз“, а 1982 почна соло кариера и стана еден од најпопуларните кантавтори во бивша Југославија. Автор е на 12 студиски албуми и два снимени во живо. Меѓу хитовите се и „Моја прва љубов“ (Моја прва љубав), „Сметајте на нас“ („Рачунајте на нас“), „Прости ми Катрин“ (Опрости ми Катрин), „Приказна за Васа Ладачки“ (Прича о Васи Ладачком), „Животот е море” (Живот је море).
Уште во 1987 година со песната „Само да нема војна“ (Само да рата не буде) најави како ќе се позиционира во претстојните трагични случувања во земјата и за време на војната падна во немилост на режимот на Слободан Милошевиќ поради своите антинационалистички и антивоени ставови и стихови.
„Никогаш не сум имал ништо лично против ниеден претседател на држава, но бев против системот поради кој мојот град се бомбардираше. Поради тоа бев и сѐ уште сум забрануван, а моите песни цензурирани“, кажа Балашевиќ во интервјуто за „Н1“ во 2018 година.
Легендарна беше и неговата љубовна приказна со сопругата Оља со која беа во брак над 35 години и имаат три деца. Во 2019 имаше срцев удар откако му се слоши на концерт во Крагујевац по што му беа вградени стентови.
Балашевиќ играше и во неколку ТВ серии, а беше автор и на филмска и ТВ музика.