Охридско лето е почеток на едно ново Одисеево патување, кажа режисерот Александар Поповски по синоќешната претстава „Одисеј”, за која се бараше билет повеќе и која го наполни Античкиот театар на затворањето на фестивалот.
„Одисеј“ е претстава што го долови враќањето дома на еден човек, во својата татковина, во својот двор, под својата маслинка. Поповски и драматургот Дора Делбијанко во текстот на Горан Стефановски препознаа простор за иронично отстапување од митот, пародија, фарса, па дури и за бурлеска. „Одисеј“ е еден вид потсмев на Одисеј, кој го иронизира трагичниот пиедестал, а истовремено ја задржува драмската тензија, полемизирајќи притоа за темите на војната, геноцидот, силувањата на жени во војна, поствоениот хаос и цивилизациската пропаст како последица на воените пустошења.
Годинашната драмска програма на Охридско лето беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски, кој почина во ноември минатата година. Неговите драми имаа нешто заедничко. Преку трагедијата на едно семејство, авторот ни ја предава историјата на македонскиот народ со своите болки и рани, социјалните неправди, политичките разидувања и со стремежот за подобро утре.
Претставата, направена според текст на Стефановски и извонредно режирана од Поповски, остави силен впечаток врз преполниот амфитеатар. Актерите во овој копродукциски проект од театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српски народен театар и Стериин театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград и „Навигатор“ од Скопје ги откажаа сите нивни ангажмани во изминатиот период за да бидат дел од оваа претстава и синоќа на сцената покажаа врвна актерска игра и донесоа позитивна енергија и силни пораки.
Д. ЧУБРИЌ