ОХРИДСКО ЛЕТО ГОДИНАВА ПРЕЧЕКА НАД 1.000 УМЕТНИЦИ ОД 25 ЗЕМЈИ, КАЖА ДИРЕКТОРКАТА ПОПОВИЌ НА ПОСЛЕДНИОТ ФЕСТИВАЛСКИ ДЕН

    ОХРИДСКО ЛЕТО ГОДИНАВА ПРЕЧЕКА НАД 1.000 УМЕТНИЦИ ОД 25 ЗЕМЈИ, КАЖА ДИРЕКТОРКАТА ПОПОВИЌ НА ПОСЛЕДНИОТ ФЕСТИВАЛСКИ ДЕН62. Охридско лето затвора со „Вујко Вања“ во режија на Егон Савин и изведба на Југословенско  драмско позориште (ЈДП) од Белград. (Фото: СДК.МК)

    Со театарската претстава „Вујко Вања“ во режија на Егон Савин и изведба на Југословенско  драмско позориште (ЈДП) од Белград, вечерва во Античкиот театар во Охрид се затвора 62. Охридско лето. Директорката Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција кажа дека во 40-те фестивалски денови имаше големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, настани за кои се бараше карта повеќе, но и гости од целиот свет.

    „Бевме сцена на која се прикажаа многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела. Врвни светски уметници настапија и на вечерите организирани со поддршка на амбасадите од кои ги добивме и најголемите пофалби за беспекорната организација. Реализиравме фестивалско издание кое ги задоволи вкусовите и на најпребирливата публика“, рече Поповиќ.

    На сцените на Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, предворјето на „Св. Софија“, Долни Сарај и Центарот за култура, изминативе 40 дена со одржаа 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма.

    „Настаните беа проследени од над 20-илјадна публика која уживаше во секоја вечер. Пречекавме над 1.000 уметници од 25 земји од светот“, додаде Поповиќ.

    Селекторката на музичкиот дел од програмата Бисера Чадловска, рече дека е горда што настапиле врвни уметници на годинешново издание.

    „Посебно сум горда на нашите македонски уметници, кои се покажаа во најдобро светло и докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со сите светски музичари на ова време. Се радувам што имавме задоволна публика, но и на одѕивот на уметниците кои беа присутни на фестивалот. После секој концерт, во разговор со нив, тие беа импресионирани од градот и од топлиот прием што ги инспирира да имаат поубав настап на фестивалот“, рече Чадловска.

    Драмската селекторка Сања Арсовска, кажа дека во драмскиот дел годинава беа прикажани рекорден број претстави од режисерки, а претставите се одржувале пред преполни гледалишта.

    „Вечерва, на финалето на фестивалот, го имаме Југословенскиот драмски театар од Белград со претставата ‘Вујко Вања’ од Чехов, режирана од Егон Савин. Чехов претставува еден вектор којшто ја одредува количината на несреќа и квалитетот на болка и никој како него не може да го опише тој жеден мазохист за страдање кој се наоѓа во нашите бедни, мали и промашени животи, како и оној порив да се направи нешто и да се тргне некаде без притоа да се направи ниту еден чекор“, кажа Арсовска.

    Познатиот и признат режисер Егон Савин не го криеше задоволството што повторно, како и минатата година, ја има честа да го затвори фестивалот Охридско лето со исклучително квалитетна театарска претстава.

    „Ги сакам Охрид и Скопје, сакам да работам во Македонија, ја сакам оваа средина колку што го сакам Белград во кој живеам. Го сметам за успех тоа што кога некаде работам нешто, да стекнам пријатели таму. Тоа секогаш ми се случува во Македонија, затоа ја издвојувам оваа средина од сите во кои сум работел, а сум работел во сите поранешни региони во поранешна Југославија и надвор од неа“, рече Савин.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира