Со концертот насловен „Љубов“ на 12 јули во Античкиот театар во Охрид почнува фестиивалот Охридско лето.
„Ова свечено отворање го доверуваме на уметници од врвот на светската оперска елита. Под диригентската палка на маестро Марко Боеми од Италија, ќе настапат оперската дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од САД, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет (НОБ),“ најави на денешната прес-конференција во Охрид директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски.
Тој додаде дека фестивалот продолжува да биде мост меѓу културите и генерациите. Цуцковски го спомена минатогодишниот успех со рекордна посетеност од над 10.000 гости од 30 држави.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков кажа дека Охридско лето е сведоштво за посветеноста кон културата како движечка сила на општествениот развој. Љутков најави дека веќе од следната година се планира проширување на фестивалскиот опсег со воведување на нови локации низ градот за реализација на програмите.
„Ова лето на сцените на фестивалот ќе настапат светски афирмирани уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон, како и истакнатиот пијанист Вадим Холоденко. Фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на бројни камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот, како и престижната регионална Загребска филхармонија под диригентската палка на Давид Рунц, која доаѓа во полн состав со 70 изведувачи на сцена.
За првпат фестивалот ќе биде домаќин на два интернационални симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот симфониски оркестар ‘Нингбо’, препознатлив по своите динамични настапи и уметничка впечатливост.
Драмската програма и оваа година зазема значајно место во фестивалската понуда“, додаде Цуцковски.
Меѓу настаните кои ги најави се и повеќе премиерни и гостински театарски продукции, меѓу кои премиерата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, претставата „Кориолајн“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски.
М. ЏАРОВСКА



