ОКОТО Е СКАПОЦЕНО, НО ФИЛМАЏИЈАТА ГЛЕДА СО СРЦЕТО, РЕЧЕ ВИМ ВЕНДЕРС ЗА ПОЧЕСНАТА НАГРАДА ВО САРАЕВО

    ОКОТО Е СКАПОЦЕНО, НО ФИЛМАЏИЈАТА ГЛЕДА СО СРЦЕТО, РЕЧЕ ВИМ ВЕНДЕРС ЗА ПОЧЕСНАТА НАГРАДА ВО САРАЕВО„Ова е навистина најубавата награда која еден филмаџија може да ја замисли - срце“, рече 75-годишниот Вендерс. (Фото: Сараевски филмски фестивал)

    Култниот германски режисер Вим Вендерс синоќа ја прими почесната награда Срце на Сараево на отворањето на 27. Сараевски филмски фестивал (13-20 август).

    „Очите се скапоцен инструмент, но срцето е најважен орган на еден филмски уметник. Срцето е тоа кое ја гледa убавината и ја презира грдотијата. Срцето го гледа мирот и страда од војната. Срцето ја гледа вистината и ја презира лагата. Ова е навистина најубавата награда која еден филмаџија може да ја замисли – срце“, рече 75-годишниот Вендерс.

    Фестивалот отвори со светската премиера на „Десет во пола“ на  босанскиот оскаровец Данис Тановиќ.

    Три македонски филмови од три режисерки се во селекциите за наградите Срце на Сараево на Фестивалот.

    Во програмата за кратки филмови, меѓу 10 наслови, светска премиера ќе има „Соло мод“ на Тамара Котевска (копродукција на Македонија, Турција и САД). Котевска заедно со Љубо Стефанов се автори на документарниот „Медена земја“ кој лани имаше историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и најдобар странски филм.

    По светската премиера и селекцијата за Златна палма за краток филм во Кан, „Северен пол“ на Марија Апчевска ќе има регионална премиера во Сараево.

    Документарниот филм „Пореметена Земја“ на Кумјана Новакова и Гилјермо Карерас-Канди (копродукција на БиХ, Шпанија и Македонија) вечерва ќе има светска премиера во програмата за документарци. Во оваа селекција се 16 филмови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира