ОЛИВЕРА НИКОЛОВА ЈА ДОБИ ГОДИНАШНАТА БАЛКАНСКА КНИЖЕВНА НАГРАДА „ПРОЗАРТ“

    ОЛИВЕРА НИКОЛОВА ЈА ДОБИ ГОДИНАШНАТА БАЛКАНСКА КНИЖЕВНА НАГРАДА „ПРОЗАРТ“Николова ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20. и во почетокот на 21. век (Фото: СДК.МК)

    Македонската писателка Оливера Николова е годинашната добитничка на наградата „Прозарт“, што интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Десеттото издание на фестивалот ќе се одржи од 18 до 21 септември.

    „Оливера Николова ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20. и во почетокот на 21. век и затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард, чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија за деца, па до последниот роман, на читателите во Македонија и на Балканот им понуди единствена привилегија да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината“, стои во одлуката на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, на чело со претседателот Ермис Лафазановски.

    Родена во Скопје во 1936, Николова неретко се опишува како мајка на сите македонски писателки. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

    Во својата порака по добивањето на наградата таа вели дека ѝ припаѓа на македонската литература, а нејзиниот јазик на изразување е македонскиот.

    „Писател… Писатели… Знаеме ли што се очекува од нас? Го прифаќаме овој товар со занес, а што се бара од нас? Што треба да работиме? Дали да се слушаме само себеси? Дали да ги слушаме првенствено другите? А, најважното: дали би го прифатиле и тоа што ни се наметнува? Во име на овие брзи и површни размисли, во име на нашето колебање за кое секој писател го остри перото, ја поздравувам нашата сложност во предвидувањата кои секогаш сме ги оспорувале, да го чуеме не само пискотот на разумот, туку и нашата несигурност со коja ја китиме кревкоста на упорното постоење. Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување“, вели Николова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира