ОПШТИНА БИТОЛА НЕЗАКОНСКИ РЕГИСТРИРАЛА ФЕСТИВАЛ СО СЛИЧНО ИМЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“, А ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ НЕЗАКОНСКИ ЈА ПРИФАТИЛ РЕГИСТРАЦИЈАТА

    ОПШТИНА БИТОЛА НЕЗАКОНСКИ РЕГИСТРИРАЛА ФЕСТИВАЛ СО СЛИЧНО ИМЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“, А ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ НЕЗАКОНСКИ ЈА ПРИФАТИЛ РЕГИСТРАЦИЈАТАИнтернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој годинава ќе се одржи по 38 пат, ќе ја тужи Општина Битола за незаконско регистрирање на индустриска марка Интернационален филмски фестивал „Браќа Манаки“- Битола

    Друштвото на филмски работници (ДФРМ), во чиј Статут е наведено дека е основач на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој годинава ќе се одржи по 38 пат, ќе ја тужи Општина Битола за незаконско регистрирање на индустриска марка Интернационален филмски фестивал „Браќа Манаки“- Битола. Преку адвокатската канцеларија на експертот за права во интелектуалната сопственост Валентин Пепељугоски, ДФРМ ќе поднесе Предлог за поништување на означената трговска марка, како и кривична пријава за повреда на својата, во светски рамки добро позната марка, и кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластувањата за лицето кое во име и за сметка на Општина Битола поднело пријава за трговска марка.

    „Без никаква одлука на Советот на Општината, без потпис на градоначалникот, некој уплаќал пари како што гледаме на уплатниците, и во име на Градот Битола ја регистрирал трговската марка со слично име на Интернационалниот фестивал на филмската камера“, објаснува Пепељугоски.

    Тој е убеден дека оваа трговска марка која добила регистрација во февруари, а чија постапка е започната уште за време на минатогодишниот фестивал, ќе биде понишена.

    Тужбите следат откако веќе една година ДФРМ не може да најде разбирање со директорката на Агенција за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска, која за нив на каприциозен начин наоѓа изговори да не го потпише потребниот договор за реализација и финансирање  на годинешниот фестивал, кој патем се одржува за три месеци. Проблемот настана откако на Конкурсот за фестивалот, Агенцијата доби уште една апликација од „Центар за филм“- Битола, каде што основач е директорот на „Браќа Манаки“ од пред две години Димитар Николов-Таки, а кој беше разрешен од ДФРМ по само една година на оваа функција.  По Конкурсот, Агенцијата побара ДФРМ да докаже дека е основач на фестивалот, и да донесе аргументи зошто тие би имале предност при одлучувањето. Одговорот требаше да го достави по 60 дена, а оттогаш се поминати 6 месеци, многу преговори и преписки останаа без резултат.

    Проблемот настана откако на Конкурсот за фестивалот, Агенцијата за филм доби уште една апликација од „Центар за филм“- Битола, каде што основач е директорот на „Браќа Манаки“ од пред две години Димитар Николов-Таки, а кој беше разрешен од ДФРМ по само една година на оваа функција (Фото: СДК.МК)

    ДФРМ соопшти дека нивен застапник по ова прашање е Адвокатското друштво „Пепељугоски“ кое ќе ги застапува пред Агенцијата и пред  Државниот завод за индустриска сопственост.

    Од канцеларијата на Пепељугоски велат дека во законска постапка ќе докажат дека е злоупотребена службената положба и незаконски Општина Битола поднела пријава и спротивно на законските одредби регистрирала трговска марка со име слично на позниот фестивал „Браќа Манаки“. Друга нерегуларност според адвокатитете е што „Центар за филм“- Битола нема законско право да ја користи таа марка и да поднесе пријава за организирање на таков фестивал. Според Законот за индустриска сопственост (ЗИС), појаснуваат адвокатите, трето лице може да користи туѓа марка само ако во писмена форма има договор за лиценца. Бидејќи тие немаат право да ја користат марката, Пепљугоски вели дека Агенцијата требала да ја одбие апликацијата  на „Центар за филм“- Битола.

    Во аргументите што ДФРМ ги има околу легитимитетот како основач на „Манаки“, тие ја упатуваат Агенцијата за филм да прибави докази во кабинетот на Претседателот кој е покровител на фестивалот, потоа во сопствената архива и во архивата на Филмскиот фонд, како и во Министерството за култура, каде што велат, ќе најдат доволно докази зошто ДФРМ е организатор на „Браќа Манаки“.

    Од канцеларијата на Пепељугоски укажуваат и на фактот што во изминативе 37. години фестивалот стекна меѓународно реноме на добро познат македонски бренд, независно што ДФРМ нема поднесено барања за заштита на марката, и сметаат дека и Државниот завод за индустриска сопственост противзаконски ја дозволил регистрацијата, а дека новоформираното здружение „Центар за филм“- Битола сака да ја присвои марката по пат на дејствија на нелојална конкуренција. За оваа тема, адвокатите  се повикуваат на Париската конвенција на заштита на индустриската сопственост.

    На денешната пресконференцијата, на која беше соопштен првиот добитник на наградата за животно дело, 94 годишниот великан Ѓузепе Ротуно, директорот на ДФРМ  Роберт Насков, директорот на фестивалот Благоја Куновски-Доре и уметничката директорка Гена Теодосиевска рекоа:

    „Каприците имаат лимит. Неверојатно е ова што се случува. Мислевме дека минатата година е тешка, кога ни дадоа само три месеци да го организираме фестивалот, но оваа година ние сме во финансиска катастрофа. Агенцијата се уште не го потпишува договорот, со тоа го доведува во прашање фестивалот кој се одржува во септември, а и го нарушува угледот на ‘Манаки’, кој е филмски настан со светско реноме, граден грижливо со години наназад“.

    Тие апелираа до новиот министер за култура Роберт Алаѓозоски да помогне во решавање на ситуацијата, и Агенцијата најдоцна следната недела да го потпише договорот. Ако не се случи тоа, тимот од „Манаки“ вели:„ Фестивал ќе има, со многу проблеми, со помалку филмови и гости. Но, откажувања нема, тоа задоволство не им го приуштуваме“.

    Искусните филмаџии повторуваат дека не гледаат политика во постапките, зашто овој фестивал е аполитична територија посветена единствено на филмот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира