ОПШТИНАТА НЕ ПРЕФРЛИЛА ПАРИ ЗА „БРАЌА МАНАКИ“, ТАЛЕСКИ СЕ ПРАВДА ДЕКА НЕ ЗНАЕ КОЈ Е ОРГАНИЗАТОР

    ОПШТИНАТА НЕ ПРЕФРЛИЛА ПАРИ ЗА „БРАЌА МАНАКИ“, ТАЛЕСКИ СЕ ПРАВДА ДЕКА НЕ ЗНАЕ КОЈ Е ОРГАНИЗАТОРОд организаторите на фестивалот, членови на Друштвото на филмски работници, велат дека одлуката на Агенцијата за филм била објавена дури и во Службен весник. (архивска фотографија)

    На неполн месец од одржувањето на фестивалот „Браќа Манаки“, организаторите од Друштвото на филмски работници велат дека од општина Битола не добиле финансиска поддршка, ни известување како општината домаќин, ќе ја помогне оваа значајна меѓународна манифестација.

    „Уште во мај се обративме до нив, но досега немаме добиено известување околу понатамошната соработка и помош што ќе ја пружат за фестивалот. Сепак очекуваме дека ќе бидеме известени“, велат организаторите.
    Битолскиот градоначалник Владимир Талески денес изјави дека како општина уште не добиле писмено известување од Агенцијата за филм за тоа кој ќе биде годинешниот организатор на фестивалот. Тој објаснува дека годинава за првпат се појавиле двајца апликанти за организатори на фестивалот (Друштвото на филмски работници, кое традиционално со години го организираше фестивалот и новоформираниот Центар за филм), па очекуваат одговор кој ќе биде организаторот.

    „Во комуникација сме со сите, но се знае кој треба да го достави документот. Изборот не го прави општина Битола, туку Агенцијата за филм. Тие веќе имаат своја одлука со која финансиските средства ќе ги доделуваат на Друштвото на филмски работници. Но, таква одлука треба да достават до општина Битола за да знаеме кому точно да ги намениме финансиските средства што ги има предвидено. Ние сме стопроцентно подготвени, чекаме само да ни кажат кому да ги префрлиме финансиските средатва“, вели Талески.
    Директорт на Агенцијата за филм, Горјан Тозија во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека уште на седми овој месец до општина Битола било испратено известување дека организацијата на фестивалот и годинава останува да биде од страна на Друштвото на филмски работници.

    Од организаторите на фестивалот, членови на ДФРМ, велат дека одлуката на Агенцијата за филм била објавена дури и во Службен весник.
    „Одлуката беше објaвена во Службен весник и немаше зошто да се известува општината, но спеак со наша добра волја баравме Агенцијата да ја извести општината дека како и досега и годинава ДФРМ останува организатор на фестивалот“, велат од фестивалот „Браќа Манаки“.

    Проблемот настана во март годинава кога Друштвото на филмски работници (ДФРМ) доби конкурентско здружение, кое сакаше да го преземе организирањето на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ од Битола. Тоа беше Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ од Битола, зад кое стоеше поранешниот директор на фестивалот Димитар Николов-Таки заедно со уште други дваесетина уметници. Николов една година беше директор на фестивалот, но Друштвото на филмски работници го разреши поради несогласувања во однос на насоките по кои треба да се движи фестивалот. Тој важи и за близок соработник на битолскиот градоначалник Владимир Талески.

    Годинава и Центарот за филм и Друштвото на филмски работници доставија пријави за фестивалот „Браќа Манаки“ на конкурсот за финансирање објавен од Агенцијата за филм.Од Агенцијата одлучиле фестивалот кој ќе се одржи во сепмтември да го организира ДФРМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира