„Нов почеток“ е насловен концертот со кој на 25 октомври официјално и со одобрен технички прием ќе се отвори новата сала на Македонската филхармонија. В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески денес рече дека иако е познато оти салата беше свечено отворена на 21 мај, а објектот не беше завршен, тој како директор ја превезема одговорноста за доцнењето на новата концертна сезона која требаше да почне порано.
„Како директор, сакав да ја превземам одговорноста да почнеме кога сите детали ќе бидат донесени на највисоко ниво. Горд сум што го добивме приклучокот со БЕГ, на пример, за да можеме нормално да ја почнеме сезоната, потоа сите технички процедури се во завршна фаза, а имаме и нов начин на презентација да ги привлечеме сите жители од Македонија да бидат дел од нашиот културен живот.
Сите оние уметници кои биле заборавени или оние кои делуваат во странство, сакаме да концертираат во Македонија повторно“, рече Илиески, додавајќи оти во соработка со македонски компании ќе се уредува зеленилото околу салата и оти е обезбеден пристап за сите лица со попреченост.
Диригентот на Филхармонијата Борјан Цанев најави дека на отворањето пијанистот Дино Имери ќе го свири еден од најпопуларните концерти за клавир и оркестар од Чајковски бр. 1, а вториот дел од програмата ќе биде посветен на „Римски фонтани“ од Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел оп. 28“ од Рихард Штраус.
„Кај мене во родната земја Русија, Концертот за клавир и оркестар бр. 1 од Чајковски се свири на свадби, бидејќи е мошне популарен. Така си го сфаќам овој концерт, како една една метафора дека ние музичарите ќе се венчаме со новиот објект кој прекрасно звучи. Задоволство ни е да свириме, но и да вежбаме. Со љубов ја чекаме новата сезона“, рече Анна Кондратенко, концерт-мајстор на Македонската филхармонија.
Билетите за отворањето чинат по 400 и 500 денари и се продаваат на билетарницата во новата сала.
Илиески додаде дека поради доцнењето морале да им ги откажат настапите на некои од солистите кои веќе биле резервирани за новата сезона, но се преговара за нови термини во 2018.
Во каталогот се наведени концертите само до декември, 2017, а дел од нив се „Симфонија на тажни песни“ со сопранот Ана Дурловски, „На руски начин“ со пијанистот Борис Березовски (Русија), концертот за деца „Магичен глас “, „Среќен ти роденден“ со виолинистот Љубиша Кировски, „Поема екстаза“ со рускиот виолинист Никита Борисо- Глебски, „Филхармонија за Шпато“ и гала новогодишниот концерт „Полноќни огномети“.
Б. НЕСТОРОСКА