ОВАЦИИ ЗА ЈАХО И КАСТРОНОВО ОД НАД 4.000 ГЛЕДАЧИ НА ГАЛА ОПЕРСКИОТ КОНЦЕРТ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО

    ОВАЦИИ ЗА ЈАХО И КАСТРОНОВО ОД НАД 4.000 ГЛЕДАЧИ НА ГАЛА ОПЕРСКИОТ КОНЦЕРТ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТОДиригентот Боеми со оперските пејачи Јахо и Кастроново. (Фото: Охридско лето)

    Преполн Антички театар и повеќе од 4.000 гости го одбележаа свеченото отворање на 66. издание на фестивалот Охридско лето. На сцената на Античкиот театар настапија светските оперски пејачи сопранот Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми. Со извонредните интерпретации тие ја воодушевија публиката, која ги награди со долготрајни овации и повеќекратни бисови.

    „Ова беше вечер што ќе остане запаметена. Преполниот Антички театар, повеќе од 4.000 посетители и распродадените билети две недели однапред се најдобра потврда дека Охридско лето ја има довербата на публиката. Горди сме што фестивалот го отворивме со врвни светски уметници и спектакуларна оперска гала вечер која донесе незаборавни емоции и силен почеток на 66. фестивалско издание“, вели директорот на Охридско лето., Ѓорѓи Цуцковски.

    Фестивалот за отворен го прогласи покровителката, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на Охридско лето кое што сè уште живее.

    Над 4.000 гости имаше на свеченото отворање. (Фото: Охридско лето)

    „Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. Охридско лето помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече Сиљановска-Давкова.

    Оперските солисти ја воодушевија публиката, која ги награди со долготрајни овации и повеќекратни бисови. (Фото: Охридско лето)Уметничката порака на фестивалот Охридско лето годинава ја испрати првенецот на НОБ, оперскиот пејач Игор Дурловски. Според него, малите земји имаат посебна улога во културата на светот. Тие, како што рече, не ја црпат нивната сила од големината на територијата или бројот на жители, туку од приказните што ги чуваат, од искуствата што ги преживеале, од начинот на кој можат да придонесат кон големиот разговор на човештвото.

    „Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓусебе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж“, Дурловски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира