ОВАЦИИ ЗА ПРВАТА ПРЕМИЕРА НА СЛОБОДАН УНКОВСКИ ПО 20 ГОДИНИ ВО СЛОВЕНИЈА

    ОВАЦИИ ЗА ПРВАТА ПРЕМИЕРА НА СЛОБОДАН УНКОВСКИ ПО 20 ГОДИНИ ВО СЛОВЕНИЈАПремиерата на „Скржавец“, една од најизведуваните комедии на Молиер, се одржа ден по 401. роденден на францускиот писател. (Фото: СНГ Драма)

    По повеќе од 20 години, македонскиот режисер Слободан Унковски се врати во Словенско народно гледалишче (СНГ) – Драма, Љубљана, каде на на 16 јануари имаше премиера на претставата „Скржавец“ од Молиер. Словенечките медиуми пренесуваат дека Унковски по четврти пат режира во СНГ, а „Скржавец“ досега е само еднаш изведен на сцената на Љубљанската драма, поточно пред речиси сто години (1926).

    Премиерата на „Скржавец“, една од најизведуваните комедии на Молиер, се одржа ден по 401. роденден на францускиот писател.

    „Скржавците не се грижат ниту за другите, ниту за животот“, вели Унковски за словенечкиот весник „Дело“.

    Костимите се на македонската костимографка Роза Трајческа-Ристовска. (Фото: СНГ Драма)

    Радиотелевизија Словенија пренесува дека според режисерот, тој и тимот останале во границите на текстот, но се обиделе да го разберат и да го поврзат со нивното разбирање на светот и времето во кое живееме. Според Унковски, поставката нема специфичен стил и не е нужно модерна, туку напротив еклектична. Унковски додаде дека е голема работа актерите да развијат свои простори во рамките на претставата.

    „’Мизантроп’ го поставив во Драма во 2000 и беше громогласна меланхолична комедија, верувам дека ‘Скржавец’ може да биде елегично незгодна балетска комедија со пеење, за љубовта, сиромаштијата и особено самољубието“, изјави Унковски.

    Според драматургот Дијана Колоини, режисерот овојпат го искористил своето огромно театарско знаење и талент, како и знаењето за различните театарски стилови и експресивни методи и се фокусирал на создавање претстава во која сите актери и различните димензии на текстот можат целосно да ги изразат.

    „На прв поглед, ова изгледа едноставно, дури и поедноставно, но содржи широк спектар на изрази“, вели таа.

    Унковски со гости и со неговата сестра, уметницата Билјана Унковска, која живее во Словенија, а е авторка на дизајнот на македонските банкноти. (Фото: СНГ Драма)

    Унковски собрал меѓународен креативен тим за соработка, а од Македонија е костимографката Роза Трајческа-Ристовска.

    Македонскиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, на Фејсбук објави дека на премиерата биле и  премиерот на Словенија  Роберт Голоб и министерот за култура Лука Месец.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира