ПЕЈОВСКИ И АЛИУ ЌЕ СНИМААТ НОВИ ФИЛМОВИ ЗА 570 ИЛЈАДИ ЕВРА, ОБЈАВИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    ПЕЈОВСКИ И АЛИУ ЌЕ СНИМААТ НОВИ ФИЛМОВИ ЗА 570 ИЛЈАДИ ЕВРА, ОБЈАВИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМФилмовите на Пејовски и на Алиу се меѓу 14-те одобрени филмови на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен игран за документарен и анимиран филм на Агенцијата за филм на Македонија, објавен на 31 јануари, втор рок на одлучување (Фото: М. Златевска/ Фестивал Синедејс)

    Режисерите Даријан Пејовски и Изер Алиу ќе добијат по 35 милиони денари (569. 105 евра ) за своите филмови „Мими“ во продукција на „Скопје филм студио“ и „Наследство“ на „КТ филм и медиа“.

    Филмовите на Пејовски и на Алиу се меѓу 14-те одобрени филмови на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен игран,  документарен и анимиран филм на Агенцијата за филм на Македонија, објавен на 31 јануари, втор рок на одлучување.

    „Мими“ ќе биде втор долгометражен игран филм на Пејовски, по „Три дена во септември“ кој излезе во 2015 година. Претходно ги сними кратките „409“ и „Опера“ кој беше дел од онмибусот „Скопје ремикс“, а изминатиoв период работеше не ТВ-сериите „ Фамилијата Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.

    Алиу е режисер и сценарист, роден во Македонија, израснат во Шведска и државјанин на Норвешка. Дипломирал на Норвешката школа за филмски уметности во Лилехамер во 2012, а со неговиот дипломски филм „Чуварот на планината“ се најде на листата на топ 10 најперспективни нордиски режисери. По дипломирањето, започна со снимањето на неговиот прв игран филм „Ловец на муви“ во Македонија, и краткометражниот „Добриот живот-таму“, сместен во урбаната средина на Осло. Неговиот последен филм „12 подвизи“ е шведско-норвешка копродукција.

    Според резултатите од конкурсот кој беше објавен изминатиов петок, Агенцијата поддржа 2 проекти во категоријата за долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел, по 1 во категориите долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел – дебитанти и долгометражни документарни филмови со мнозински македонски удел – дебитантски, 2 во категоријата долгометражни играни филмови со малцински македонски удел, по 1 во категориите долгометражни документарци со малцински македонски удел и краткометражни играни филмови со македонски мнозински удел и шест краткометражни играни филмови со македонски мнозински удел – дебитантски.

    Режисерката Елеонора Венинова, чии кратки филмови „Влакна“ и „Борба за смрт“ добија повеќе награди на фестивали низ светот ќе го снима својот прв долгометражен филм „Преекспонирано“ на „ДНФ Филм“ за 18 милиони денари (292.682 евра)

    Во категоријата долгометражни играни филмови со малцински македонски удел, со 3 милиони денари (48.780 евра) е поддржан филмот на Калтрина Красниќи „Вера сонува за море“, продукција на „Дрим фектори“ и „Се викам Мухамед“ на Горан Паскаљевиќ и „Сектор филм“ со 4 милиони и 300 илјади денари (69.918 евра).

    Елена Чемерска ќе снима деби долгометражен документарен филм со мнозински македонски удел, „Татковина – споменик на слобода“ со „Синема футура“ за 800 илјади денари (13 илјади евра), а Петра Селишкар и Бранд Ферро ќе работат долгометражен документарец со малцински македонски удел „Тело“ , продукција на „ППФП“ за 1.100.000 денари (17.886 евра).

    Во категоријата краткометражни играни филмови со македонски мнозински удел, Агенцијата со 2 милиони денари (32.520 евра) ќе го поддржи филмот на Александар Зиков, „Аутопсија на едно убиство“, на „ДЕА продуктион“ .

    Кратки деби филмови со македонски мнозински удел, со по 800 и 900 илјади денари (13 и 14 илјади евра) ќе снимаат Радован Петровиќ, Зоран Стојковски, Бурим Билали, Самир Љума, Лидија Мојсовска и Тони Коцев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира